ТОДОРОВИЌ ВО КУЌЕН ПРИТВОР, ЧЕТВОРИЦА ВО ЗАТВОРСКИ Куќен притвор доби уште еден осомничен
Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“.
Од скопскиот Кривичен суд официјално известија дека Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на Центар, доби куќен притвор, исто како уште еден осомничен во случајот „Феникс“, додека четворица добија затворски притвор.
„Судија на претходна постапка, по произнесување на осомничените кои беа спроведени пред судот, во присуство на нивните бранители, во однос на предлогот на ЈО за определување мерка прирвор, донесе решенија со кои на В.Т. и Т.Д. им определи мерка куќен притвор, додека на Љ.Б.,В.З.,А.З. и З.П. им определи мерка притвор, за сите во траење од 30 дена“, информираа од Судот.
Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, дел од „Скопје 2014“, а истрагата е отворена по 10 години.
Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.