Тоалетите на Железничка под клуч – патниците стискаат, ама има и такви кои бараат „креативно“ решение

Деновиве истече договорот, а во тек е тендерот за избор на служба за одржување хигиена. Се очекува во најкус рок да се потпише договор – ни одговорија од ЈП за Железничка инфраструктура.

2,051

Тоалетите во Железничката станица во Скопје не работат веќе десетина дена, па на патниците кои ги користат железничките услуги не им преостанува ништо друго освен да „стискаат“, или, пак, да тргнат да бараат „креативно“ решение како да ги извршат физиолошките потреби без некој да ги види.

Вработени во Железничката станица за Плусинфо раскажуваат дека целиот објект смрди на урина, а често може да се забележи и човечки измет низ ходниците, во чекалницата или на скалите.






– Многу лошо мириса, не се издржува. Но, патниците не се виновни, бидејќи тоалетите не работат повеќе од 10 дена. Луѓето уринираат врз скалите кои водат до пероните, а да не ви кажувам каква е глетката горе на самите перони. Ние вработените сами ги чистиме фекалиите, бидејќи се плашиме од ширење на зарази. Во целиот објект има само еден тоалет, но тој е во благајната и таму можат да влезат само вработените кои имаат клуч. А патниците се принудени да се снаоѓаат. И тоа воопшто не е фер, бидејќи тие плаќаат билети, ги користат нашите услуги, а ние не можеме да им овозможиме ниту еден пристоен тоалет – велат вработени во Железничката станица.

Поради овој проблем со кој се соочуваат корисниците на железнички услуги, побаравме одговор од ЈП за Железничка инфраструктура, кое е одговорно за оддржување на Железничката станица во Скопје.

– За одржување на железничката станица се ангажира служба за чистење, меѓутоа деновиве истече договорот, а во тек е тендерот за избор на служба за одржување хигиена. Се очекува во најкус рок да се потпише договор – ни одговорија од претпријатието.

Оттаму додаваат дека овие денови се затворени тоалетите за да се избегне нивно уништување.

– Тоалетите беа кршени во неколку наврати по санацијата на станицата. Но секако, штом ќе се додели договорот за одржување, тие ќе бидат пуштени во функција – велат од ЈП за Железничка инфраструктура.

Поврзани содржини