„ТИГРИТЕ“ СЕ НОВИТЕ „АЛФИ“?! Не се чудете ако полициско возило ви го попречи патот како на филм – за наше добро е!

Извори од Министерството за внатрешни работи (МВР) брифираат дека веќе некое време „тигрите“ се пуштени на „најјако“ и сега тие ја имаат улогата на некогашните „алфи“, кои до пред неколку години беа задолжени за интервенции во урбани средини за спречување на тешки облици на криминал.

8,932

Не треба да ве чуди ако некогаш се случи полициско возило со вклучено ротационо светло да ве претекне и да ви го попречи патот, а од возилото да излезат неколкумина припадници на специјалната единица „Тигар“ кои ќе ви тропнат на прозорецот и ќе ви побараат документи за лична идентификација.

Извори од Министерството за внатрешни работи (МВР) брифираат дека веќе некое време „тигрите“ се пуштени на „најјако“ и сега тие ја имаат улогата на некогашните „алфи“, кои до пред неколку години беа задолжени за интервенции во урбани средини за спречување на тешки облици на криминал.






„Тигрите“, појаснуваат нашите соговорници, сега имаат делумно одврзани раце. Стопираат возила, претресуваат луѓе по улици, а распоредени се од други градови со цел да немаат големи познанства во реонот каде што работат.

Доколку некој возач на автомобил им е сомнителен, посочуваат тие, „тигрите“ веднаш го претекнуваат со вклучено ротационо светло и му го блокираат патот. Доколку е сѐ во ред со документацијата, го пуштаат.

– Пред некој ден додека се враќав од работа во еден момент друго возило ми го пресече патот, едвај запрев да не го удрам. Од автомобилот веднаш излегоа тројца припадници на полицијата. Кога ги ви видов се исплашив, не знаев што се случува. Ми побараа документи, погледнаа однадвор што има во возилото и ме пуштија да си одам. И друг пат ми се има случувано полиција да ме сопре и да ми ги провери документите, но вакво нешто првпат ми се случува. Но, кога подобро ќе размислам, колку и да изгледа страшно, сепак сметам дека вакви акции ни се потребни постојано. Ова е доброто за сите нас и за нашите деца – ни раскажува скопјанецот Игор.

И други граѓани на Скопје ни раскажаа слични случки, како одеднаш до нив во сред возење се појавува возило на интервентната полиција, им дава сигнал да го запрат автомобилот, а потоа извршуваат стандардна проверка на документите.

Поради овие и слични случаи запрашавме во МВР која е причината и зошто припадниците на единицата „Тигар“ се вклучени во оперативните работи, од каде што ни одговорија дека тие се дел во оперативната акција „Безбеден град“ во која учествуваат сите организациски единици на Бирото за јавна безбедност.

– Оваа акција дава одлични резултати, што се гледа и од статистиките. Само во првите два месеца од 2023 година во однос на првите два месеца во 2022 година имаме намалување за 31,55% на вкупниот криминалитет. За 67,24% е намалено делото „тешка кражба”, а за 70,83% на „разбојништво” во однос на истиот период лани. Од отпочнување на оперативната акција „Безбеден град“ од октомври минатата година, па се’ до крајот на март лишени од слобода над сто криминалци, лица барани со потерници и наредби, нарко-дилери и други сторители на кривични дела – ни одговорија од МВР.

Оттаму додаваат дека овие резултати се потврда за нивната посветеност во насока на што поголема безбедност на граѓаните и сериозна бескомпромисна борба со криминогените појави.

– Оваа оперативна акција продолжува и во наредниот период, без оглед на невистините кои ги пласираат групи на криминалци на кои не им одговара една ваква оперативна акција. Но, фактите покажуваат дека ваквите акции се поздравени од граѓаните кои сакаат мир и безбедност, а тоа е нашата основна цел – велат од МВР за Плусинфо.

Пред неколку дена министерот за внатрешни работи Oливер Спасовски со видеопорака објавена на неговата страница на социјалната мрежа Фејсбук уште еднаш јавно ги пофали припадниците на САЕ Тигар за сето тоа што го прават, особено за акцијата „Безбеден град“.

„На припадниците на САЕ ТИГАР јавно им оддавам признание за сето она што го прават во сите оперативни акции, а посебно во Оперативната акција ‘Безбеден град’, во којашто покажаа дека нема апсолутно можност и нема место за ниту еден криминалец или група да ги загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија“, напиша Спасовски.

Поврзани содржини