Тешко оди плаќањето на ратите кај 3,5 отсто од земените кредити од банките
Народната банка вели дека оваа промена главно е одраз на кредитите на домаќинствата, додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети. Покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредноста е на ниво од 69,7%, коешто останува солидно.
И покрај високата неизвесност поради пандемијата, банкарскиот систем и во првиот квартал од годината ја потврди подготвеноста да одговори на ризиците со кои е соочен и истовремено да обезбеди натамошна кредитна поддршка за економијата, констатира Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2021 година.
„На 31.3.2021 година, стапката на соодветност на капиталот изнесуваше 16,8%, што е мало подобрување во споредба со крајот на 2020 година. Растот на сопствените средства, пред сè како резултат на реинвестираните добивки, имаше најголем придонес за зголемувањето на стапката на адекватност на капиталот. Во првиот квартал од 2021 година, во услови на понатамошен раст на ликвидните средства на македонскиот банкарски систем, показателите за ликвидноста се задржаа на стабилно и задоволително ниво. Следствено, поголемиот дел од показателите преку кои се следи и се оценува ликвидноста забележаа подобрување“, соопштија од НБ.
Оттаму додаваат дека во првиот квартал на 2021 година стапката на нефункционални кредити има минимално зголемување и изнесува 3,5%.
„Оваа промена главно е одраз на кредитите на домаќинствата, додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети. Покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредноста е на ниво од 69,7%, коешто останува солидно“, појаснуваат од НБ.
Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем продолжува со профитабилно работење, што е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно за нивната стабилност и отпорност.
На седницата, Советот ја разгледа и Годишната информација за плаќањата во 2020 година и се констатира дека појавата на пандемијата ги забрза процесите на дигитализација на плаќањата.
„Вкупниот број плаќања извршени во 2020 година забележа годишен раст од 10,2%, при зголемување од 15,6% на бројот на плаќањата извршени со платежни картички. Од друга страна, бројот на кредитни трансфери се намали на годишна основа за 3,6%. Ваквите движења придонесоа за натамошен раст на учеството на платежните картички (6,2 п.п.), коешто достигна 56,2% во вкупните плаќања“, наведуваат од Централната банка.
Зголемен е и бројот на електронски иницираните кредитни трансфери од 31,3%, во услови на значително годишно намалување на бројот на кредитни трансфери иницирани на хартија од 17,8%.
Според платежната статистика, во 2020 година е забележан постојан раст на плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги.
„Растот на плаќањата во трговијата со платежни картички издадени од домашни издавачи на уреди лоцирани во земјата во 2020 година беше силен и изнесуваше 25,9%. Притоа, раст од 21% е забележан кај бројот на трансакции на физичките места на продажба, но впечатлив годишен раст од 2.2 пати е забележан кај плаќањата со картички на интернет“, информираат од Народна банка.