ТЕРЕЗА КЕСОВИЈА ГИ ОТКАЖА КОНЦЕРТИТЕ ВО ЛИСИНСКИ „Морам да го послушам своето срце“

Тереза Кесовија ги одложи претстојните концерти во концертната сала „Ватрослав Лисински“ поради здравствени проблеми, а на публиката ѝ се обрати со емотивна порака во која вели дека мора да го послуша своето срце.

44

Тереза Кесовија требаше да настапи пред загрепската публика во рамките на својата проштална концертна турнеја, но концертите во „Ватрослав Лисински“ се одложени поради нејзината здравствена состојба.

Хрватската музичка дива со години настапува и покрај здравствените проблеми, но овојпат решила да не го ризикува своето здравје и да го одложи настапот. Таа на публиката ѝ се обрати со порака во која ја објасни својата одлука и побара разбирање.






– Морам да го послушам своето срце – порача Кесовија, без да навлегува во детали за здравствениот проблем.


Кесовија со концертите во Загреб требаше да продолжи со својата проштална турнеја, со која по повеќе од шест децении на сцена се збогува со публиката. Претходно годинава настапи во Сплит и во родниот Дубровник, каде што одржа концерти со кои ја одбележа својата долга кариера.

Посебно емотивно значење за неа имаа настапите во Дубровник. Во јуни пееше во Кнежевиот двор, на местото каде што во 1958 година го имала својот прв јавен настап. Таа тогаш рече дека токму тоа место има длабока лична и емотивна вредност за неа.

Од „Лисински“ информираат дека за откажани настани повратот на средствата за купените билети се врши во рок од 60 дена од објавувањето на информацијата за откажувањето, на местото каде што билетот бил купен и на начинот на кој бил купен.

Кесовија, која важи за една од најголемите хрватски музички ѕвезди, зад себе има кариера подолга од шест децении, а со прошталната турнеја сакаше да се збогува со публиката на сцените што имаат посебно значење во нејзиниот живот.

Поврзани содржини