🎥 ТЕНЗИЧНО НА СЛАВИЈА, ПОЛИЦИСКИ КОРДОН ГИ РАЗДВОЈУВАШЕ СТУДЕНТИТЕ ОД АКТИВИСТИТЕ НА СНС Избегнати инциденти, Вучиќ ги повика своите приврзаници да се повлечат
Пред почетокот на собирот под слоганто „Студентите победуваат“ на истото место се собраа и поддржувачи на СНС со обележја „Србија победува“.
Полициски кордон денеска ги раздвојуваше студентите и активистите на Српската напредна партија (СНС) на плоштадот Славија во Белград. На плоштадот попладнево се одржа собирот „Студентите победуваат“, додека на истото место пред почетокот се собраа и поддржувачи на СНС со обележја „Србија победува“.
Како што претходно најавија студентите во блокада, нивниот собир бил организиран за спроведување акција за печатење на слоганот „Студентите победуваат“ на маици, торби, качкети и други предмети што граѓаните ќе ги носат на студентскиот протест најавен за в сабота.
Поради тензиите меѓу двете групи, српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика активистите на СНС да се повлечат од Славија, откако, како што рече, дошло до напад врз нивни активисти. На неговиот профил на Инстаграм беше објавено дека „блокадерите го покажале своето насилничко лице и ги нападнале активистите на СНС“.
Нешто пред 18 часот, поддржувачите на владејачката партија почнаа да ги расклопуваат штандовите и да го напуштаат плоштадот Славија.
Во објавата на Вучиќ се наведува и дека Српската напредна партија „ќе се занимава со политика преку програми, а не со солзавец и ножеви, како што тоа го прават блокадерските насилници“.
По ова студентите „прославија победа“ на плоштадот Славија, виорејќи знамиња „Србија победува“.
View this post on Instagram