ТЕЛЕКОМ СРБИЈА ИНВЕСТИРА 50 МИЛИОНИ ЕВРА ВО МАКЕДОНИЈА Генералниот директор Владимир Лучиќ вели дека целат кон лидерска позиција на пазарот
Лучиќ ги повика локалните ИТ-компании и стартапи кои работат на решенија поврзани со вештачка интелигенција, да се пријават за финансиска поддршка преку платформата на Телеком Србија.
Генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, изјави дека компанијата влегува во нова фаза на развој на пазарот во Северна Македонија со дополнителна инвестиција од 50 милиони евра. Целта е Телеком Србија да стане водечки телекомуникациски оператор во земјата, како што е тоа веќе постигнато во Црна Гора.
– Во Северна Македонија пазарот е исклучително конкурентен и на високо ниво на развој. Оптиката и мобилната телефонија се значително развиени, а ние сме нови играчи. Ќе се трудиме во блиска иднина да придонесеме за уште подобра конкурентност. Генерално, Западен Балкан е на високо ниво на развој на оптичка и мобилна инфраструктура. Доколку се погледнат некои истражувања што ги имаат спроведено Обединетите нации, може да се забележи дека степенот на развој на телекомуникациите во регионот е на високо ниво – истакна Лучиќ за Newsmax Balkans во Скопје.
Говорејќи за тековните инвестиции во Северна Македонија, Лучиќ нагласи дека досега се инвестирани 18 милиони евра како директна странска инвестиција.
– Посветени сме на долгорочна стратегија за присуство на овој пазар, поради што и инвестициите се значајни и сериозни. Нашата компанија во Северна Македонија моментално има повеќе од 100.000 корисници и 90 вработени. Презедовме дел од United Group во Србија, а сега и во Македонија. Делот кој претходно беше познат како Total TV сега е интегриран во нашата мрежа. По четири години започнуваме нов инвестициски циклус во Северна Македонија, со план да вложиме 50 милиони евра. Ќе работиме активно на изградба на оптичка мрежа и ќе разгледаме можности за преземање на помали кабелски оператори, со цел да го продолжиме растот – објасни директорот на Телеком Србија.
Ширење на Newsmax во Источна Европа
Лучиќ истакнува дека секоја конкуренција е добредојдена и дека Телеком веќе располага со свои препознатливи спортски, културни, забавни и информативни програми.
– Со задоволство гостувам на Newsmax Balkans, кој наскоро ќе прерасне во поголема платформа, бидејќи планираме проширување на Newsmax низ целиот дел на Источна Европа. Донесуваме нов квалитет и содржајна медиумска понуда. Од октомври, на барање на корисниците, ќе стартуваат три локализирани канали на Arena Sport на македонски јазик, со цел да го зголемиме тој број на пет канали – најави Лучиќ.
Тој упати повик до локалните ИТ-компании и стартапи кои работат на решенија поврзани со вештачка интелигенција, да се пријават за финансиска поддршка преку платформата на Телеком Србија.
– Веќе помогнавме 22 компании и силно сме заинтересирани да го поддржиме развојот на стартапи во регионот, особено оние што работат со примена на вештачка интелигенција – рече тој.
Амбиција за лидерска позиција во сите пазари на Балканот
– Нашата крајна цел е Телеком Србија да стане прв избор на корисниците во сите пазари во регионот, како што тоа го постигнавме во Црна Гора. Иако почетокот не беше лесен, за десет години успеавме да станеме број еден оператор во таа држава – заклучи Владимир Лучиќ.
Со овие инвестиции, Телеком Србија не настапува само како нов играч на македонскиот пазар, туку како стратешки партнер кој долгорочно ќе вложува во инфраструктура, иновации и човечки ресурси. Амбицијата е јасна – да се изгради компанија која ќе биде прв избор за корисниците, двигател на дигиталната трансформација и пример за одговорен инвеститор кој со секој чекор го подига стандардот на пазарот. Северна Македонија заслужува силен и стабилен партнер во телекомуникациите, а Телеком Србија е подготвен да ја преземе таа улога, порачуваат од компанијата.