ТАТКО, СОПРУГА, МАЈКА И ПАРТНЕРКА МЕЃУ ЖРТВИТЕ Бран приведувања за семејно насилство низ државата
Во Скопје, Куманово, Велес, Неготино, Гостивар и Прилеп приведени се седум лица по пријави за физички напади, закани и агресивно однесување во семејството.
Седум лица се лишени од слобода во различни градови низ Македонија во последните 24 часа по пријави за семејно насилство, информира Министерството за внатрешни работи. Дел од осомничените се товарат за физички напади врз сопружници, родители и партнери, а во еден случај била оштетена и покуќнина.
Во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници го привеле Б.М.(45), откако бил пријавен дека физички го нападнал својот 75-годишен татко.
Во прилепско село, пак, бил уапсен 49-годишен маж по пријава од неговата 42-годишна сопруга дека бил нападната во семејниот дом.
Полицијата во Гостивар привела 40-годишна жена од гостиварско село, откако нејзиниот 52-годишен сопруг пријавил дека по расправија била физички агресивна кон него. Според пријавата, таа искршила дел од покуќнината и му го оштетила мобилниот телефон.
Во Неготино бил приведен В.В.(65) од Кавадарци, кој според пријавата во домот им се заканувал и физички ги нападнал својата 53-годишна партнерка и нејзиниот 21-годишен син. За случајот бил известен јавен обвинител.
Полициски службеници во Велес го лишиле од слобода И.М.(49), осомничен дека по расправија физички ја нападнал својата 47-годишна сопруга.
Во Куманово биле приведени две лица. М.М.(40) е осомничен дека ја нападнал својата 37-годишна сопруга во семејниот дом, додека О.З.(46) бил пријавен за агресивно однесување и закани кон неговата 68-годишна мајка.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.