ТАЈВАН ПРЕСЕЧЕ НЕЛЕГАЛЕН ИЗВОЗ НА НВИДИА-ЧИПОВИ ВО КИНА На обвинителна клупа се најдоа 9 лица

Истрагата беше покрената оваа година поради сомневања за извоз на сервери со Нвидиа чипови, кои се предмет на ограничувања на извозот од САД.

1

Обвинителството во Тајван покрена обвинение против девет лица за нелегален извоз на сервери за вештачка интелигенција во Кина. Меѓу обвинетите се и вработени во технолошките компании Нвидиа (Nvidia) и Супер Микро (Super Micro).

Истрагата беше покрената оваа година поради сомневања за извоз на сервери со Нвидиа чипови, кои се предмет на ограничувања на извозот од САД.






Уште во 2022 година, САД ја забранија продажбата и извозот на напредни полупроводници во Кина. Тајван е глобален центар на полупроводничката индустрија и водечки производител на чипови клучни за развојот на вештачката интелигенција.

Обвинителите изјавија дека обвинетите, чии имиња не се објавени јавно, биле целосно свесни за строгите внатрешни контроли што Нвидиа и Супер Микро ги применуваат за извозот.

Во соопштението за медиумите се наведува дека тие „соработувале на различни нивоа заради огромни профити и нелегално извезувале врвни сервери“, што „ги зголемило трошоците за усогласеност со деловните прописи и сериозно го оштетило меѓународниот углед на земјата“.

Nvidia и Super Micro сè уште не одговориле на обвинението.

Тајван во последните години ги заострува контролите на извозот за да спречи напредната технологија и знаењето да стигнат до Кина.

Владата во Пекинг го смета демократскиот остров за своја територија, што тајванските власти категорично го отфрлаат.

Поврзани содржини