СВР Скопје затаи со кривичната пријава против скопјанецот што ширеше зараза низ цел град

СВР Скопје сѐ уште постапува по издадената наредба, по комплетирање на предметот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, велат од Обвинителството за Плусинфо.

843

Основното јавно обвинителство повеќе од еден месец чека скопската полиција да постапи по наредба на надлежниот обвинител кој побарал дополнителни податоци за кривичната пријава за скопјанецот со иницијали Ф.К., кој е осомничен дека и покрај изјавата дека ќе биде во самоизолација која ја потпишал при влегување во земјава на граничниот премин Табановце, се среќавал со многу луѓе и ги заразил со коронавирусот, велат од Обвинителството за Плусинфо.

– Основното јавно обвинителство Скопје ја прими кривичната пријава на 31 март, а со оглед на тоа што пријавата не ги содржеше сите потребни податоци, надлежниот јавен обвинител на 1 април издаде барање за доставување податоци до Институтот за јавно здравје, како и наредба до СВР Скопје да се направат неопходни проверки. Институтот за јавно здравје на 10 април достави одговор на барањето на јавниот обвинител, додека СВР Скопје сѐ уште постапува по издадената наредба. По комплетирање на предметот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – велат од Обвинителството за Плусинфо.






За случајот со осомничениот Ф.К., заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска информираше дека во континуитет остварувал средби со неговите родители, братот, неговата пријателка, а одел и во фирмата во која работел. Освен тоа, тој дал лажен исказ и пред полицајците од полициската станица во Карпош. Таму, како што обелодени Петровска на почетокот на април, тој изјавил дека не патувал во изминатиот период.

Петровска тогаш тврдеше дека осомничениот скопјанец на 8 март околу 13 минути по полноќ влегол во земјава на граничниот премин Табановце. Според правните прописи, здравствена екипа на Институтот за јавно здравје веднаш го информирала за одлуките на Владата дека е прогласена епидемија.

Осомничениот наместо да ги почитува насоките за самоизолација се однесувал спротивно на одлуките претходно донесени од владата со што го прекршил Кривичниот законик. Според Петровска, лицето Ф.К. не придржувајќи се до прописите за време на епидемија постапувајќи несовесно и неодговорно заразил повеќе лица и со тоа придонел за ширењето на епидемијата и постапувал себично.

 

Поврзани содржини