СВЕЖ ВОЗДУХ ВЛЕЗЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ Сиљановска Давкова верува во работата на двете нови членки
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ ќе внесат нова енергија во Судскиот совет. Посебно го истакна правилникот што треба да ги штити судиите од надворешни влијанија
Двете нови членки во Судскиот совет ќе внесат свеж воздух поради знаењето, а и поради храброста, вели за „360 степени“ шефицата на државата за Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ.
Двете нови членки беа предлог на Гордана Сиљановска Давкова. Претседателката вели дека е во контакт со нив и дека со Јошевска-Анастасовска остварила и средба.
За Кадри-Шахиновиќ, вели оти се слуша и со неа и оти ја радува фактот што таа работи на правилникот за заштита (на судиите) од влијанија.
– Правилникот се однесува на заштита на судиите, како Судскиот совет може не само дисциплински да ги санкционира, да ги бира и да ги разрешува судиите, туку и да ги штити од можни влијанија однадвор. И мислам дека е тоа нешто исто што е ново и се надевам дека тоа ќе биде охрабрено и прифатено. Така што од она што го гледам, мислам дека свеж воздух влезе во Судскиот совет и дека овие две жени, заради знаењето а и заради храброста, сигурно дека ќе внесат промени – рече Сиљановска-Давкова.