„БИБИ, ВНИМАВАЈ! МНОГУ БРГУ ЌЕ ОСТАНЕШ САМ“ Трамп откри што му кажал на Нетанјаху зад затворени врати
Американскиот претседател тврди дека лично го предупредил израелскиот премиер да не отвора нов конфликт со Иран, додека тензиите во регионот повторно растат.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не отвора нов фронт против Иран, нагласувајќи дека во таков случај Израел би можел да остане без американска поддршка.
Во интервју за американскиот портал Аксиос, Трамп откри дека директно му порачал на Нетанјаху да биде внимателен со идните потези.
– Му реков: „Биби, подобро внимавај, инаку многу брзо ќе останеш сам“ – изјавил Трамп.
Американскиот претседател ги отфрли и критиките дека евентуален конфликт со Иран би бил спротивен на неговото предизборно ветување дека нема да вовлекува нови војни, порака што често ја повторуваше за време на кампањата за враќање во Белата куќа.
Изјавите на Трамп доаѓаат само неколку часа пред Израел и Иран повторно да разменат одмазднички напади, што дополнително ги зголеми стравувањата од поширока ескалација на Блискиот Исток.
Тензиите меѓу двете земји остануваат високи, а меѓународната заедница со загриженост ги следи случувањата поради опасноста конфликтот да се прошири и надвор од границите на Израел и Иран.