СВЕТСКА ТРКА ВО ХИПЕРСОНИЧНИ РАКЕТИ Што тестираат САД, Русија, Кина и Северна Кореја? (ВИДЕО)
Кинеската хиперсонична ракета ја обиколи Земјата и може да се испука и насочи по желба, руската ракета радар не ја фаќа и е најбрза, а американската ракета пред неколку дена доживеа крах на лансирната рампа. Во меѓувреме, Ким Јонг-Ун пали ракети од невидливи подморници и водени платформи во јапонското море.
Хиперсоничното оружје е новата „студена војна“ и трка по моќ во светот, а за разлика од нуклеарното вооружување нуди повеќе погодности: хиперсоничните проектили ретко ги фаќа радар, како што тоа веќе го усовршија Русите, а можат да пловат како едрилица во ниската орбита на Земјата сè додека некој одздола по желба не ги насочи на посакуваната мета, како што тоа го испробаа Кинезите. Исто така, најдобро е ракетите да ги испукате од подморница, како што тоа го направи Северна Кореја во водите на јапонското море, пишува Би-Би-Си.
Кој предничи во новата хипер-трка? Зошто Американците неодамна имаа неуспешен тест на ваква ракета и дали ова ќе значи крах за антиракетните системи кои ги има секоја сила? Влегуваме во ерата на невидливите оружја управувани од компјутери, а се чини дека тоа е „гејм-чејнџ“ за сите: барем вака го опишаа американските воени власти ненадејното лансирање на кинеската проба, пишува Џонатан Маркус од Институтот за стратегија и безбедност во Ексетер.
Видете ја кинеската ракета која ги изненади Американците:
Кинеската ракета промаши за 40 километри
Двапати летово, кинеската војска лансираше ракета во вселената што ја обиколи земјината топка пред да забрза кон својата цел. Во првата прилика, проектилот ја промашил својата цел за околу 40 километри, објави Фајненшл Тајмс.
Додека некои американски политичари и коментатори беа вознемирени од очигледниот напредок на Кина, Пекинг побрза да го негира извештајот, инсистирајќи дека ова е всушност тест на вселенско летало за повторно користење.
Негирањето на Кина е „чин на замаглување“, вели Џефри Луис, директор на Програмата за неширење на оружјето во Источна Азија, бидејќи приказната е потврдена од американски официјални лица кои зборуваат за други медиуми.
Што е ИЦБМ, а што ФОБС технологија?
Кога сме кај проектилите, има две водечки технологии. ИЦБМ е проектил со долг дострел што ја напушта земјината атмосфера пред повторното влегување, следејќи параболична траекторија кон својата цел. ФОБС од друга страна само плови – тој е тип на хиперсонична едрилица:
– Вселенскиот авион за повеќекратна употреба е хиперсонична едрилица. Само слетува. ФОБС системот испорачан преку некој вид едрилица би го направил истото како вселенски авион за повеќекратна употреба, така што мислам дека вистинските разлики меѓу двете катови се маргинални – вели Луис.
Кина развива хиперсонични ракети затоа што нема нуклеарки
Она што се чини дека Кина го направи е да ја комбинира ФОБС технологијата со хиперсонична едрилица. Кинеските ракети се лизгаат по надворешниот раб на атмосферата избегнувајќи радар и ракетна одбрана – во нов систем. Но, зошто?
– Пекинг стравува дека Соединетите Држави ќе користат комбинација од модернизирани нуклеарни сили и ракетна одбрана за да им го одземат нуклеарното одвраќање – вели г-дин Луис.
Со други зборови Кина ќе мора да се брани ако САД го нападне Пекинг:
– Ако САД прво го нападнат Пекинг, што ние јавно ја задржуваме опцијата да го направиме, системот за противракетна одбрана на Алјаска можеби ќе може да се справи со малиот број кинеско нуклеарно оружје што преживува – вели тој.
Зошто руските хиперсонични ракети не ги фаќа радар?
Русија неодамна ја тестираше својата хиперсонична ракета „3М22 Циркон“. Таа лета толку брзо и ниско, со брзина до 6 маха и со ниска атмосферско-балистичка траекторија, што може да навлезе во сегашните системи за противракетна одбрана, пишува Милитари.
Ракетата лета со напредно гориво за кое Русите велат дека и дава домет до 1.000 километри. И тоа е толку брзо што воздушниот притисок пред оружјето формира плазма облак додека се движи, апсорбирајќи радио бранови и го прави практично невидлив за активните радарски системи.
Еве како полета рускиот „Циркон“:
Американците ќе имаат една минута да ја пресретнат руската ракета
Американските системи за пресретнување на ракети „Aegis“ бараат 8-10 секунди време на реакција за пресретнување на дојдовните напади. За тие 8-10 секунди руските хипероснични ракети „Циркон“ веќе ќе поминат 20 километри, а ракетите пресретнувачи на Американците не летаат доволно брзо за да ги стигнат.
Според „Popular Mechanics“, дури и американски брод да открие ракета „Циркон“ од 100 милји, ќе има само една минута да направи нешто во врска со тоа.
За да пресретнат руски проектил „Циркон“, САД ќе треба или да ја пресретнат при лансирањето или да фрлат некој објект на нејзиниот пат.
За хиперсонични проектили ти треба морнарица?
Преминот на Русија кон хиперсонично оружје е веројатно средство за борба со американската супериорност по големина, технологија и огромен број носачи на авиони. Американската морнарица има намера да одржи сила од 12 носачи на авиони на нуклеарен погон.
Спротивно на тоа, Русија има еден носач и тој се пренесува со шлепер во случај да му се расипе моторот.
Додека во морето, која било од 15 Buyan руски корвети ќе бидат во можност да носат до 25 „Циркон“ хиперсонични проектили. Би биле потребни помалку од половина дузина од тие проектили за да се потопи најнапредниот американски носач на авиони, како што е USS Gerald R. Ford.
Некои велат дека иновациите како „Циркон“ го оддалечуваат развојот на воената технологија од системите базирани на носачи на авиони, повикувајќи ја американската морнарица целосно да ја преиспита улогата на носачот.
А, кога Американците пред неколку дена пробаа да ја лансираат својата хиперсонична ракета им се случи фијаско. Погледнете:
Подводните платформи на Ким Јонг-Ун
Северна Кореја во септември година тврдеше дека успешно тестирала нова хиперсонична ракета наречена „Хвасонг-8“. Државните медиуми соопштија дека новата ракета е еден од „петте најважни“ нови системи за оружје, изложени во нејзиниот петгодишен план за воен развој.
Тие ја нарекоа ракетата „стратешко оружје“, што обично значи дека има нуклеарни способности.
Не е новост Ким Јонг-Ун да лансира ракети за да ја докажува својата надмоќ во регионот. Тоа што никој не го знае е дали тие се испукани од подморници или од специјални платформи за кои се знае дека Северна Кореја ги поседува. И двата методи се недофатливи за радар.
На 19 октомври годинава началникот на Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека еден балистички проектил бил лансиран од подморница во пристаништето Синпо, на истокот на Северна Кореја, каде Пјонгјанг обично ги базира своите подморници. Ракетата слета во Источното Море, познато и како Јапонско Море, пишува Би-Би-Си.
Лансирањето од подморница исто така може да го отежне откривањето на проектилите и да им овозможи да се доближат до други цели. Јужнокорејските медиуми објавија дека се верува дека овој проектил поминал околу 450 километри на максимална висина од 60 километри. Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека биле истрелани две, а не еден, балистички проектили, нарекувајќи го лансирањето „настан за жалење“.