СУД ВО ТУРЦИЈА ГО ПОНИШТИ ИЗБОРОТ ЗА ЛИДЕР НА ГЛАВНАТА ОПОЗИЦИСКА ПАРТИЈА Им ветувал вработувања на делегатите што ќе гласаат за него!?

Судскиот случај со кој е соборен Озел, во јавноста е широко критикуван како обид за покорување на ЦХП и повторно поставување на лидер кој е поповолен за владеењето на Ердоган.

0

Суд во Турција во четвртокoт ги поништи изборите за лидер на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) одржани во 2023 година, објави државната новинска агенција Анадолија, што е остра ескалација против загрозената опозиција во земјата.

Пресудата го поништува резултатот од изборите за лидер на кои беше избран сегашниот лидер на партијата Озгур Озел и му наложи на поранешниот долгогодишен претседател на партијата, Кемал Киличдароглу, кој ги загуби изборите од Озел, да ја преземе функцијата привремен лидер.






Како одговор, партијата ги повика своите високи членови да се соберат во седиштето во Анкара.

Веста предизвика пад на индексот BIST 100 во Истанбул, главната берза во Турција, за повеќе од 6 проценти.

Случајот се однесува на наводи за купување гласови на конгресот на ЦХП во ноември 2023 година, при што обвинителите тврдат дека Озел го обезбедил својот избор преку вршење притисок врз одредени делегати, со ветувања за работни места и други облици на мито.

Во октомври лани, судот во Анкара ја отфрли претходната тужба за купување гласови во врска со тие избори, со образложение дека нема докази, но обвинителите се жалеа на пресудата, а судот сега одлучи во нивна корист.

Критичарите велат дека пресудата е политички мотивиран обид да се поткопа најстарата политичка партија во Турција, која оствари огромна победа над владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган на локалните избори во 2024 година и бележи пораст на анкетите.

ЦХП решително ги негира сите обвиненија, обвинувајќи ја владата дека го користи судството за да изврши „политички удар“.

Поранешниот лидер на партијата Киличдароглу, сега 77-годишен, беше безличен политичар и слаб противник на Ердоган, кој доживеа низа изборни порази. Откако Озел ја презеде власта, ЦХП за неколку месеци стигна до убедлива победа на локалните избори.

Судскиот случај со кој е соборен Озел, во јавноста е широко критикуван како обид за покорување на ЦХП и повторно поставување на лидер кој е поповолен за владеењето на Ердоган.

Претходно оваа недела, друг суд во Анкара пресуди Озел да му плати оштета од 300.000 лири (5.000 евра) на Ердоган затоа што го нарекол „угнетувач“. Во таа изјава Озел уште го повика Ердоган „да си ги врзе кучињата“, алудирајќи на сеопфатната репресија врз турската опозиција.

Озел стана заштитно лице на најголемите улични протести во Турција во последната деценија, кои беа предизвикани во март лани, со апсењето и затворањето на опозицискиот претседателски кандидат, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.

Широко сметан за еден од ретките политичари способни да го победат Ердоган на гласачките места, Имамоглу моментално се бори против низа правни случаи во кои се обвинува за сè – од корупција до шпионажа и терористички врски, обвиненија за кои тој тврди дека се политички мотивирани.

Тој моментално е на судење за шпионажа во случај што се води паралелно со сеопфатен случај за корупција што се отвори на 9 март, во кој обвинителите бараат тој да биде осуден на 2.430 години затвор.

Поврзани содржини