АЈДЕ ЗАЕДНО ДА ПОБАРАМЕ ГАРАНЦИИ ДЕКА НЕМА ДА ИМА ДРУГИ БУГАРСКИ БЛОКАДИ! Филипче доби контра-предлог на својата понуда за споделување на одговорноста за уставни измени
Можеби ако имаме заедничка позиција може да издејствуваме подобри гаранции. Пренесете му го тоа на Филипче како контра-понуда од нас - изјави за 24 Анализа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
ВМРО-ДПМНЕ му упати контра-понуда на лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој претходно предложи Собранието да ги усвои уставните измени за внесување на бугарското малцинство во уставот, за што, како што рече, тој е подготвен да ја сподели одговорноста со премиерот Христијан Мицкоски.
Говорејќи од име на својата партија, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков во интервју за ТВ 24 изнесе предлог до СДСМ и Филипче.
– Еве ви контра-понуда, ајде заедно да се обединиме и да побараме гаранции од ЕУ дека по евентуални уставни измени, Македонија нема да биде блокирана поради билатерални прашања. Можеби ако имаме заедничка позиција може да издејствуваме подобри гаранции. Пренесете му го тоа на Филипче како контра-понуда од нас – изјави за 24 Анализа Лефков.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска ги повика премиерот Христијан Мицкоски и власта заедно со него да ги направат уставните измени и при тоа да ја споделат одговорноста за тој чин.
– Истовремено, имајќи предвид дека, како што била праксата во сите земји — Хрватска, Бугарија и понатаму — кога траеле преговорите, сите партии работеле заедно, сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што, што понатаму ќе се случува во текот на преговорите. Иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и така натаму, сепак ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целиот процес на водење на преговорите – рече Филипче.
Во обраќањето на панел дискусијата на тема „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“ лидерот на СДСМ апелираше да не се пропушта моментот.
– Ќе останеме настрана, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да има од каде да земеме пари, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот. Да ја споделиме сите заеднички одговорноста – додаде Филипче.