СТРУШКАТА БОЛНИЦА НАБАВИ ДОВОЛНИ КОЛИЧИНИ ЕРИТРОПОЕТИНСКА ТЕРАПИЈА Бубрежноболните можат да здивнат

Проблемот започна уште во ноември лани, кога престана да се испорачува лекот, а заменската терапија ја добивавме нередовно и во недоволни количини – вели една пациентка.

0

Од понеделник стотината пациенти во струшката Специјализирана болница за нефрологија редовно ќе ја добиваат неопходната еритропоетинска терапија – објави ТВ Алфа.

Директорот Јетмир Зиба посочува дека тендерската постапка била навреме завршена, но добавувачот не ја испорачал целата договорена количина, поради што во болницата пристигнувале само ограничени залихи.






Пациентите предупредуваат дека лекот е неопходен за одржување на крвната слика и дека неговиот недостиг може да предизвика сериозни последици.

– Проблемот започна уште во ноември лани, кога престана да се испорачува лекот, а заменската терапија ја добивавме нередовно и во недоволни количини. Лекот се распределуваше селективно, според моменталната крвна слика. Поради тоа, кај дел од пациентите дојде до пад на хемоглобинот, слабост и дополнително влошување на здравствената состојба – раскажува стружанката Бранкица Размоска, пациент во струшката Специјализирана болница за нефрологија.

Дел од пациентите, бидејќи не можеле да го добијат лекот во болницата, биле принудени сами да го набавуваат, а поради високата цена во земјава, го купувале и во соседството, каде што е значително поевтин.

Поврзани содржини