СТРАВ ОД ГЛАСОТ НА ДИЈАСПОРАТА? ПРИКАЗНА ЗА МАЛИ ДЕЦА Опозицијата го кочи Изборниот законик поради партиски интереси
Поранешниот амбасадор смета дека противењето на електронското и на поштенското гласање има политичка позадина. Според него, иселениците се чувствуваат лишени од право полесно да гласаат во матичната држава.
СДСМ има зошто да се плаши и сето ова што го зборува околу недовербата во електронското гласање на ислелениците или по пошта е само затскривање на вистинскиот мотив за нивното противење на гласот на дијаспората и блокирање на новиот Изборен законик, посочи поранешниот амбасадор Ристо Никовски во интервју за ТВ Алфа.
– Приказни за мали деца. Мислам, очигледно е тоа да се разбереме и тоа е факт. Секој што малку повеќе се разбира во тие работи, што ги следи тие работи, јасно му е дека дијаспората ако добие полесен пристап на изборите во огромен број ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тоа е партија која единствено се интересира и се грижи за нив и поготово во оваа ситуација. Знаете, нашите луѓе во странство се поголеми патриоти од нас. Тие сите овие наши болки, наши маки, ги доживуваат многу пострашно од нас, ние сме тука и со тоа живееме, а тие го чувствуваат тоа така што кога нешто им се одзема на Македонците тие го чувствуваат како ним да им се одзема лично нешто, до таму е тоа отидено.
Никовски вели дека од контактите кои ги има со дијаспората, му велат дека таму владее одгромно незадоволство од ова што СДСМ им го прави во моментот и дека на тоа се гледа како на ускратување на правото на глас во матичната земја.
Со досегашното гласање, потенцира Никовски во „За или против“, губеше државата која имаше огромни издатоци за гласањето во странство, но и самите наши ислеленици кои мораа да минуваат и стотици километри само за да го остварат своето право на глас.