Стопанската комора апелира до пратениците: Изгласајте ги денеска законите од петтиот пакет мерки
Станува збор за законски решенија чие изгласување ќе овозможи поддршка за 20.000 компании и околу 130.000 вработени, како и 25.000 граѓани од ранливите категории.
Стопанската комора на Македонија апелира до пратениците во Собранието да направат максимални напори и во текот на денот да ги донесат законите од петтиот антикризен пакет кои се во насока на поддршка на македонската економија.
„Станува збор за законски решенија чие изгласување ќе овозможи поддршка за 20.000 компании и околу 130.000 вработени, како и 25.000 граѓани од ранливите категории и со тоа ќе се зголеми ликвидноста и потрошувачката, кои во овој момент се неопходни за одржување на субјектите во кондиција заради справување со кризата“ , се вели во апелот.
Членките на Комората генерираат 50,3 отсто од вкупниот приход во приватниот сектор и вработуваат 33,7 отсто од вработените.
Комората уште еднаш ги реафимира своите ставови изкажани на почетокот на пандемијата дека оваа битка не може да се добие, ако компаниите не и помогнат на државата, но и државата да им помогне нив, како единствено можно решение кое може да даде позитивен импулс во натамошните економски текови.
– Во спротивно, сите досегашни напори, жртви и тешки предизвици кои досега ги надминавме, ќе паднат во вода – велат од Комората.