СРБИТЕ ПРОНАЈДОА ЗЛАТО ВО ЧОКА РАКИТА Вучиќ вели „да избрав подобра општина немаше да ја најдам“
Да избрав подобра општина, немаше да ја најдам. Тоа е југоисточниот дел на Србија. Таа општина ќе процвета, изјави Вучиќ на почетокот на јануари кога беше објавено дека се најдени наоѓалишта на злато и на калциум карбонат на југоистокот на земјата.
Богато наоѓалиште на злато е пронајдено на локалитетот Чока Ракита во општина Жагубица на истокот на Србија, соопшти Министерството за рударство и енергетика на Србија. Како што се наведува во соопштението, и прелиминарните резултати од технолошките испитувања покажуваат дека е можно да се произведе концентрат од чисто злато, со вкупна искористеност на златото поголема од 93 проценти.
Чока Ракита се наоѓа на три километри југоисточно од проектот „Тимок Голд“, а на длабочина од 517 метри пронајдени се 63,46 грама на тон злато (Ау) и 0,11 отсто бакар , се вели во соопштението на компанијата „Dundee Precious Metals Inc“ која пред неколку дена обзнани дека се најдени злато и бакар.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ изјави дека потенцијалните резерви се значајни во однос на количината на руда и содржината на злато.
– Она што треба да се напомене е дека проектот е во фаза на истражување, дека е потребно овие добри резултати да се потврдат преку нови истражувања, а потоа да се подготви студија која ќе ги верификува ресурсите и резервите – рече Ѓедовиќ.
Информациите за новото наоѓалиште на злато ги изнесе претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на јавниот сервис уште на 15 декември 2022 година, но тогаш не откри каде тоа се наоѓа. Вучиќ објави дека во Србија се откриени наоѓалишта на злато и калциум карбонат. На почетокот на јануари тој додаде дека локацијата е во еден од најсиромашните делови на Србија.
– Како прво, се знае дека е во Гаџина Хан, а јас чекам дозвола да кажам каде точно е другиот – рече Вучиќ, но додаде и дека општината „буквално ќе процвета“ и дека „многу повеќе злато отколку што имаме во рудникот Чукару Пеки“.
– Да избрав подобра општина, немаше да ја најдам. Тоа е југоисточниот дел на Србија. Таа општина ќе процвета – заклучи претседателот на Србија во декември.