📷 СРБИНКАТА МАРИЈАНА ПРЕКУ ГАТАЊЕ „ЗАРАБОТИ“ МИЛИОНИ Измамничката од Австрија ја бараат во 4 земји

Портпаролот на полицијата во Австрија рече дека во овој случај соработуваат со полициите на Србија, Швајцарија и Германија, пишува Хојте.

664

Австриската полиција објави нови фотографии од Србинката Маријана, која е осомничена дека измамила повеќемина за милиони евра, накит и други вредни предмети.

Маријана на жртвите им се претставила како Амела, а при претреси на куќи низ Виена биле запленети стотина парчиња накит, пари и други предмети.






Полицијата соопшти дека бројот на „жртвите“ на Маријана е зголемен на 23, од кои 16 живеат во Австрија, а седум во Германија. Како што се зголемува бројот на жртвите, така се зголемува и висината на штетата.

– Во моментов штетата се проценува на 2,5 милиони евра – изјави портпаролот на полицијата.

Според него, одземениот накит бил на вештачење. Тој откри три карактеристични прстени, за кои тврди дека наводно водат до дополнителни жртви на гатачката.

Прстените се многу препознатливи бидејќи во внатрешноста се врежани датуми и имиња.

– Овие прстени сè уште не се поврзани со некое ново злосторство – рече портпаролот.

До средината на март, полицијата добила околу 140 дојави за наводната локација на Маријана.

Портпаролот на полицијата рече дека во овој случај соработуваат со полициите на Србија, Швајцарија и Германија, пишува Хојте.

Да потсетиме, при претрес на куќи во близина на Виена, полицијата во скривалиште и сеф заплени готовина во вредност од 4,1 милиони евра и 2,1 милиони швајцарски франци, покрај накит, скапи часовници и 25 килограми злато.

Зад мултимилионската измама стои мрежа на организиран криминал со ќелии во Виена и Келн. Инспекторите веруваат дека и други поединци низ германското говорно подрачје, особено во Швајцарија и Германија, биле измамени од шаманската измама.

Фото: Принтскрин/Австриска полиција

Како „падна“ гатачката Маријана

Маријана М.(44), австриска државјанка со потекло од Србија, која се претставила како „шаман Амела“ им кажувала на луѓето дека ќе ја отстрани нивната клетва доколку и платат.

Гатачката Маријана М.(44) преку лажни ветувања, перфиден психолошки притисок и шамански ритуали успеала да извлече богатство од лековерна жена од Виена.

Се сомневаат дека од жената зела 727.000 евра ветувајќи дека ќе ја отстрани клетвата. Според Хојте, минатата пролет, Маријана запрела жена на сред улица поради „нејзината аура“ и набрзо ја вовлекла во својата мрежа на измами.

По внимателно испитување, гатачката, која тврдела дека ја викаат Амела, одеднаш „открила маана во езотеричната харизма на избраната жртва“ и понудила да ја „лечи“ за хонорар од 3.000 евра. Лековерната жена отишла да ги подигне парите.

– Непосредно пред тоа сонував дека ќе запознаам некого и дека треба да се ослободам од парите – наводно жртвата подоцна ѝ рекла на полицијата.

Гледајќи дека жртвата ѝ поверувала, се договарале нови состаноци преку анонимни повици од припејд мобилни телефони регистрирани на фантастични имиња како „Златан Иванов“ или „Антонија де Марко“. Во црква во Баден (Долна Австрија), Маријана М. дури извршила ритуал на жртвата, вклучувајќи амајлија и вешта магија со јазли, се разбира само во замена за дарежлива „парична понуда“.

Потоа ја преплашила жената велејќи ѝ дека нејзината ќерка наскоро ќе умре доколку не ги исчисти сите пари од „злите духови“. Од страв, жртвата, трауматизирана од претходната смрт во семејството, го предала целото свое богатство од 727.000 евра од средства и штедни сметки на Амела и никогаш повеќе не ги видела парите.

– Гатачката падна во кома поради „злата енергија“ – ѝ рекла подоцна на жртвата наводната ќерка на измамничката.

Само случајно гатачката неодамна беше разоткриена. Кројачката ја препознала гатачката на фотографиите како еден од нејзините муштерии и ѝ дала контакт информации на полицијата.

Поврзани содржини