„СРБИЈА ДА СЕ НАВИКНЕ НА РЕЦИПРОЦИТЕТ ОД КОСОВО“ Што изјавија Курти и Вучиќ после Брисел?
Сакаме добри односи со Албанците, да се обезбеди целосна слобода на движење, дури и преку Централна Србија, но тоа не значи признавање на Косово, рече српскиот претседател за новинарите, пренесува Новости.
„Србија да се навикне на реципроцитет од Косово“, изјави Албин Курти во однос на кризата со регистарските таблички на косовско-српската граница, јавува дописник на МИА од Приштина. Курти се пофали и дека Александар Вучиќ на преговорите во Брисел имал четири барања кои му биле одбиени. Кои биле тие барања? Уште не е познато, но, за контраст, изјавата на Вучиќ по постигнатиот договор беше следната:
– Сакаме добри односи со Албанците, да се обезбеди целосна слобода на движење, дури и преку Централна Србија, но тоа не значи признавање на Косово – рече српскиот претседател за новинарите, пренесува Новости.
Табличките со српски симболи ќе се покриваат
„Минатата недела претседателот на Србија постави четири услови за средба во Брисел на нашите претставници. Нормално дека тие не му се исполнија и вчера се одржаа разговори во Брисел. Сега почнува епохата во која Србија ќе се навикнува на реципроцитет“, порача косовскиот премиер на својот Фејсбук-профил.
Курти појасни и дека, според договорот постигнат денеска во Брисел меѓу специјалните претставници на Приштина и Белград, со посредство на Европската унија, на возилата кои влегуваат од едната во другата држава ќе им бидат покривани табличките со соодветните државни симболи.
„Реципроцитетот на регистерските таблички е воспоставен. Бидејќи на табличките на Република Косово во Србија ќе им се покрива државниот симбол и на сите таблички од Србија, без исклучок, ќе им се покрива нивниот симбол на територијата на нашата држава“, напиша тој.
Добри односи со Албанците, ама не и признавање на Косово
Одговарајќи на прашањата на новинарите, Вучиќ рече дека е изненаден од фактот „дека Приштина брутално ѝ покажа на Европската унија што мисли за Бриселскиот договор“.
– Тие постојано кршеа и за тоа знаат сите држави во ЕУ, нашите раце се врзани.
Тој посочи дека е за Србија е важно тамошните Срби да ги зачуваат правата и да се постигне договор.
– Ни претстои тежок период на разговори, поврзани со договорите од 2011, 2013 и 2016 година, но и борбата за заедниците на српските општини. Можно е да дојдат и да кажат „нема“, можно е да продолжат со брутална кампања против мене и Србија. Единствено со што имаме проблем е загрозување на животот, правата и имотот на Србите во Косово и Метохија. За нас е важно да направиме врска која не е непријателска. Заедницата на Српски општини ќе се прошири на тие 10 општини, тоа е сигурно. Тоа покажува нечија нервоза. Го прочитав целиот договор за ЕУ, нема што да кријам и добрите и лошите страни, луѓето треба да го знаат тоа. Ви прочитав што се случи во 2011 година. Борбата сигурно нема да биде лесна, тие ќе бидат многу нервозни – рече Вучиќ.
– Сакаме добри односи со Албанците, да се обезбеди целосна слобода на движење, дури и преку Централна Србија, но тоа не значи признавање на Косово – заклучува српскиот претседател.