Спасовски преку видеоврска ќе го следи подигањето на македонското знаме во Брисел

222

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ќе ја следи премиерот Оливер Спасовски, по што ќе има свое кусо обраќање.

Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено ќе бидат подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД.






На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, во 15:00 часот по средноевропско време, ќе присуствуваат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров.

Македонското знаме истовремено ќе биде подигнато и пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.

Формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.

Поврзани содржини