Спасовски: Од утре полициски час од 21 до 6 часот изутрина

Секој граѓанин и субјект е повикан да биде дел од нашата заедничка битка. Ако сакаме да си ја заштитме нацијата, сите мора да се однесуваме одговорно. Се работи за опстанок на народот и економскиот систем - изјави Спасовски.

719

Објавувам дека од утре, недела, се воведува полициски час од 21 часот до 6 часот изутрина – се забранува движење на населението на целата територија на земјата, објави во вонредното обраќање вечерва техничкиот премиер, Оливер Спасовски по седницата на Владата на која беа донесени новите, радикални мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

– Исклучок ќе бидат само лицата кои мораат да одат кон и од болница, луѓето што имаат потреба од дијализа, потреба од итна помош, а тие ќе може да се движат со придружба од најмногу од две лица. Доколку граѓаните ги запре полиција по прегледот, ќе мора да покажат медицинска документација за  оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната институција – рече Спасовски.






Со полицискиот час нема да бидат опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени. Забраната за собирање во групи поголеми од 5 лица од утре важи 24 часа.

Директорите на јавните здравствени установи ќе направат список на вработени за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го пратат до МВР или друго Министерство за да се изготват специјални пропусници и легитимации за движење во забранетите часови. МВР ќе има комплетен увид за лицата кои се движат.

– Владата ја донесе оваа одлука која првпат се воведува во земјава, врз основа на стручно мислење од Комисијата за заразни болести според сознанијата за коронавирусот. Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата. Тие се за да се спречи натамошното ширење на болеста. Веќе ништо не е исто. Животот радикално се промени. Тоа бара радикална промена и на нашето секојдневие. Потребно е секој од нас да се прилагоди на оваа крајно загрижувачка ситуација и максимално одговорно да се однесува. Секој граѓанин и субјект е повикан да биде дел од нашата заедничка битка. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата, сите мора да се однесуваме одговорно. Се работи за опстанок на народот и економскиот систем – изјави Спасовски.

Тој повика „сите да се кренеме на висината на задачата“, нагласувајќи дека во историјата на нашата земја прв пат се воведува полициски час.

Ќе се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите.

– За време на полицискиот час во аптека ќе може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Ќе се ограничи и бројот на такси возила, кои ќе може да превезуваат патници исклучиво кон и од болничка установи или аптека. Таксистите ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици – рече Спасовски кој повика „да им оддадеме признание на здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата и на сите останати за се што досега направија, но и да им ги создадеме сите услови да продолжат успешно да ги остваруваат  професионални задачи во справувањето со оваа хуманитарна криза“

Техничкиот премиер им се заблагoдaри и на медиумите за, како што рече, нивниот придонес во оваа наша заедничка борба.

Другите мерки се и забраната на движење на јавни возила од 21 до 6 часот;

Меѓуградскиот превоз и ЈСП ќе го преполоват капацитетoт на патници и да се запази растојание од два метри од еден до друг патник.

Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).

Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери, да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.

 

Поврзани содржини