СОПИШТЕ КУБУРИ СО ВОДА Водовод не им верува на жедните граѓани

Граѓаните на Сопиште се очајни особено затоа што никој од надлежните нема одговор, ниту решение за состојбата во која се наоѓаат, и тоа не прв пат, туку со години е исто, а најпроблематично е во летниот период.

902

Жителите на дел од општина Сопиште никако да го решат проблемот со вода за пиење. Tие со денови немаат ни капка вода што на овие пеколни температури е неиздржливо и несфатливо.

Граѓаните својата мака ја споделија со нашата редакција. Тие истакнуваат дека како и секоја година, така и оваа, токму кога стрелката на термостатите со денови се движи околу 40-тиот степен, со часови немаат вода за пиење и се принудени дополнително да се снабдуваат со чиста и со техничка, а редовно ги плаќаат сметките на ЈП „Водовод и канализација“.






– Имаме проблем со водоводот. Ова се случува многу често и тоа е страшно и срамно. Но олку часови и денови без вода во денешно време е премногу. Имаме мали деца, ниту имаме вода за пиење, ниту за основна хигиена. Како ќе се живее вака навистина не ми е јасно – ни рече жителот на Сопиште.

Граѓаните се очајни особено затоа што никој од надлежните нема одговор, ниту решение за состојбата во која се наоѓаат, и тоа не е прв пат, туку со години. А најпроблематично е во летниот период и во новите згради во Сопиште.

Тие велат дека редовно пријавуваат во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје или во општина Сопиште дефекти или ако забележат некаде загуба на вода. Бараат надлежните почесто да спроведуваат контроли, да се види дали има диви приклучоци, кражба на вода и за што се користи таа.

Минатата недела, кога бевме информирани за проблемот со водата, разговаравме со градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски и тој нѐ информираше дека знае за проблемот и дека редовно пријавува во ЈП „Водовод и канализација“, но оттаму добива одговор дека водоводот е во негова надлежност.

– Целиот систем е на „Водовод“ и тие управуваат со количеството на вода, па нивна обврска е следењето. Самиот систем е многу сложен доколку редовно не се надгледува, а ние ги плаќаме сметките и очекуваме во 21 век да имаме нормално снабдување со вода. Нашата обврска беше завршена, направена беше инфраструктурата и истата беше предадена на „Водовод“ – ни рече Трпковски.

Градоначалникот ни објасни дека во Припор има пунктна станица каде што треба да се следи количеството на вода, како и дека има резервоари во Сопиште, Ракотинци и во Добри Дол кои исто така треба да се мониторираат.

– Обврска е на „Водовод“ да ја регулира целата мрежа, ние не можеме да интервенираме ништо, бидејќи кривично дело е доколку влеземе во некоја од шахтите. Ние во минатото, по наша иницијатива, правевме неколку акции за откривање на диви приклучоци, паушални приклучоци (лица кои плаќаат одредена сума, без разлика колку вода ќе потрошат), но ние без „Водовод“ ништо не можеме да направиме – вели Трпковски и апелира до јавното претпријатие да најде решение за проблемот со недостатокот на вода.

Одговори за овој горчлив повеќегодишен проблем на жителите на Сопиште побаравме и од ЈП „Водовод и канализација“, иако минатата недела ни беше ветено дека ќе ни одговорат на нашите прашања досега немаме никаква повратна информација.

Во текот на вчерашниот ден од ЈП „Водовод и канализација“ преку соопштение информираа дека во директна соработка со Општина Сопиште во периодот од 21 до 23 јули била спроведена акција за откривање диви, нелегални приклучоци и злоупотреба на вода на територија на општината.

„Целта на оваа акција е откривање и спречување на евентуална злоупотреба на системот за водоснабдување заради подобрување на условите за водоснабдување. Акцијата е спроведена од страна на контролори на јавното претпријатие, придружувани од комунални редари од општината. Во текот на акцијата биле опфатени населените места Сопиште, Добри Дол и Ракотинци, каде не биле детектирани диви (нелегални) приклучоци“, велат од јавното претпријатие.

Во текот на акцијата било апелирано и укажано до населението да се придржуваат до советите за рационално користење и употреба на водата. Исто така, апелирано е да се избегнува полевање на поголеми површини и непотребно трошење на водата за полнење на базени, полевање градинарски култури и слично.

Инаку, според податоците кои ги објави Државниот завод за ревизија, во 2021 година загубите на вода за пиење во водоводниот систем со кој стопанисува ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје изнесувале околу 60 отсто, што е исклучително негативен процент во однос на прифатливите загуби на вода од под 30 проценти кои ги посочува Меѓународната асоцијација на води.

Ревизорите, како што пишува во извештајот, имаат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансискиот извештај на ова претпријатие за 2021 година, а искажуваат и резерва во однос на усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

„Ревизорите со извршената ревизија утврдиле дека во период од 2017 до 2022 година количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60%, што е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдувачкиот систем на Град Скопје“, велат од ДЗР.

Интересен податок е и што ДЗР констатира дека ЈП „Водовод и канализации“ не склучило договор со 30 отсто од своите корисници.

„Од вкупно 295.750 корисници на вода, до денот на известување за ревизијата, ЈП Водовод и канализација Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 30 отсто од корисниците на услугите (89.634 корисници), што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите“, пишуваат ревизорите во извештајот за „Водовод“.

Поврзани содржини