СОФИЈА НИ СПРЕМА УЖАСЕН КРАЈ НАМЕСТО ОВОЈ УЖАС БЕЗ КРАЈ? Бугарија едвај дочека да се закани со ново вето
„Сето ова е резултат на фактот што големата мака останува, а Бугарија продолжува да ги негира Македонците, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. И во ситуација кога се обидувате да изградите пријателство втемелено на сопствено понижување, осоколувате едно вакво антиевропско лице на официјална Софија. Владата можеби е во паника во сите овие најави и закани за ново вето, бидејќи нејзиното преживувањето се темели токму на лагата за европскиот успех“, вели Никола Димитров.
Сакале ние да признаеме или не, Македонија е сериозно зацапана во бугарската жива кал, па секој нејзин потег за ослободување, секое мрднување и секој обид за скршнување од бугарската стратегија, значи дополнително тонење и пропаѓање, а по некое време ќе значи и давење. Ваков е коментарот на експертите за надворешна политика со коишто разговаравме откако во последниве денови значително се заострија и така затегнатите односи помеѓу Скопје и Софија.
Ако не се случеше тепачката во Охрид во која подебелиот крај (случајно или не) го изеде секретарот на бугарскиот културен центар „Цар Борис“, Кристијан Пендаков, коментираат нашите соговорници, тогаш Софија ќе се обидеше да пронајде влакно во некое друго јајце и ние повторно ќе бевме доведени во ситуација да слушаме закани за спуштање на рампата на патот кон ЕУ.
Од друга страна, пак, коментираат дипломатите, ништо спектакуларно нема да се промени за нас дури и доколку Бугарија одлучи да го врати ветото. Единствената разлика што тогаш ќе ја забележиме, велат нашите соговорници, е тоа што главите на актуелните македонски политичари од власта ќе бидат дополнително виснати, зашто, во суштина, преживувањето на актуелната Влада се темели токму на лагата со европскиот успех.
На блокадите ќе им нема крај
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во разговор за Плусинфо вели дека добивањето нови бугарски вета ќе ни стане секојдневие.
– Во процесот на нашето додворување и обидите за членство на земјава во Европската Унија ќе изброиме уште многу бугарски блокади и нови бугарски вета. Да не испадне дека преувеличуваме, ама тоа директно ни го кажа бугарската потпретседателка Илијана Јотова, а сега истото го зборуваат и други врвни актуелни бугарски политичари. Мора да ни биде кристално јасно дека Бугарија во никој случај нема да дозволи членство на Македонија во Унијата, оти никогаш нема да прифати постоење на македонскиот јазик, македонскиот народ и на македонска држава. Не би ме изненадило ново бугарско вето, но тоа во моментов нема ништо посебно да промени, освен што дополнително ќе виснат главите на македонските политичари од власта. Впрочем, ваква ситуација долго време чекаа Бугарите, па инцидентот во Охрид им дојде како јаготка на шлагот, иако сите многу добро знаеме дека таа кафеанска тепачка нема ама баш никаква врска со негирање на бугарското малцинство во Македонија. Без да има било каква истрага, Бугарите ја голтнаа приказната, ја изџвакаа онака како што им одговараше и почнаа да плукаат наоколу. Таква е нивната политика, односно стратегија – објаснува Никовски.
Тој вели дека Бугарите сега со душа чекаат да дојде 4 февруари кога организирано ќе пристигнат стотици Бугари во Скопје за да му оддадат почит на револуционерот Гоце Делчев.
– Бугарите најавуваат дека со неколку автобуси ќе пристигнат во Скопје за да му се поклонат на „бугарскиот“ револуционер Гоце Делчев. Ова е класична провокација од која може да произлезе сериозен проблем. А тие токму тоа го чекаат и токму тоа го посакуваат. Нашите институции и безбедносни служби треба да бидат крајно внимателни и не смеат да дозволат ескалација на состојбата. Оти, колку повеќе инциденти, толку повеќе поени за Софија – порачува Никовски.
За чија воденица работиме?
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров вели дека македонската Влада се наоѓа во паника по најавите на Бугарија дека ќе го врати ветото, оти, како што објаснува, преживувањето на актуелната Влада се темели токму на лагата со европскиот успех.
– За жал, ни се случува агонија. Односите со соседна Бугарија ескалираат, иако властите во Македонија тврдат дека проблемот е решен. Сето ова е резултат на фактот што големата мака останува, а Бугарија продолжува да ги негира Македонците, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. И во ситуација кога се обидувате да изградите пријателство втемелено на сопствено понижување, осоколувате едно вакво антиевропско лице на официјална Софија. Владата можеби е во паника во сите овие најави и закани за ново вето, бидејќи нејзиното преживувањето се темели токму на лагата за европскиот успех – објаснува Димитров.
На прашањето дали е нормално шефот на македонската дипломатија Бујар Османи да оценува инцидент, односно кафеанска тепачка, пред да пристигне официјално соопштение од истражните органи и од Јавното обвинителство, Димитров вели дека таквиот потег на министерот апсолутно покажува непочитување кон сопствената држава.
– Потегот на министерот Бујар Османи прикажува непочит кон сопствените институции и кон сопствените процедури, а прикажува и една целосна изгубеност за тоа чиј министер сте вие и каков интерес застапувате. Дипломатијата е вештина на убедување на другите да се движат кон вашата воденица, односно кон вашите интереси. Дипломатијата не е грижа за туѓите интереси тогаш кога тие значат понижување за твојот народ – вели Димитров.
Фрчат закани за вето
Првата закана за ново вето по инцидентот во Охрид ја испали бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, кој ги информирал и колегите во Советот на ЕУ за „зголемениот притисок врз претставниците на бугарското малцинство во Македонија“.
– Не ја исклучувам можноста Бугарија да наметне вето на следните чекори од преговорите на Скопје со ЕУ, но искрено се надевам дека тоа нема да биде потребно – рече Милков.
И заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, за да не остане покуса, вчера изјави дека сѐ додека Бугарите во Македонија не бидат заштитени, земјава нема да ги започне преговорите со ЕУ.
Од македонска страна, пак, се јави претседателот Стево Пендаровски кој истакна дека во моментов не гледа ниту една основа за ново вето од Софија.
– Не можам да знам што ќе направи бугарската страна. Секоја држава суверено и автономно ги носи своите одлуки. Иако да бидам искрен, не гледам ниту една основа за ново вето. Значи, не можам да знам. Мислам дека нема да има. Се надевам дека нема да одат во таа насока. Знаете дека станува збор за провокатори кои тоа го прават – изјави претседателот одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали е можно ново бугарско вето.
Слична порака денеска испрати и премиерот Димитар Ковачевски на средбата со шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.
Тој рекол дека нема да се дозволи провокациите коишто доаѓаат од трети страни да наштетат на европската агенда на државата и на билатералните односи со Република Бугарија.
Милков не дојде во бугарското Собрание, дебатата за Македонија е одложена
Бугарските пратеници денеска нема да дебатираат за односите со Македонија затоа што министерот за надворешни работи Николај Милков не дојде во Народното собрание поради други обврски.
Расправата за Македонија и, како што беше најавено, последниот физичкиот напад врз бугарски државјанин во Охрид, е тргната од дневниот ред на денешната собраниска седница.
Потпретседателот на бугарскиот парламент Росен Жељазков на почетокот на седницата соопшти дека добиле допис од МНР дека поради службено патување на Николај Милков надвор од државата, дебатата мора да биде одложена.
Предлогот за ставање на оваа точка на дневниот ред на денешната седница беше на барање на партијата Преродба и на собранискатра комисија за политики за Бугарите во странство.