СОБРАНИЕТО НЕ ФУНКЦИОНИРА, ШТЕТА ТРПАТ ГРАЃАНИТЕ Митрески од СДСМ ја повикува опозицијата да се вклучи во носењето на новиот Деловник
И последните измени на овој Деловник во 2013 година и претходно во 2008 година, беа донесени без учество на тогашната опозиција во нивната изработка, потсети координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Во СДСМ постои волја за изработка на нов Деловник и за обезбедување функционално работење на Собранието, зашто од неговото нефункционирање најголема штета трпат граѓаните – истакна на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој изрази жалење поради, како што рече, оваа „второ закажување на четвртото продолжение” на Дијалогот „Жан Моне“ во Собранието.
– Првото што беше закажано на 28 октомври беше одложено по барање на ВМРО-ДПМНЕ, заради нивни партиски активности, а не знам која е причината за денешното нивно неучество. Меѓутоа, не сакам да верувам и сакам да испратам повик до нив дека не би требало да бидат обвинети да земат уште една обврска во делот на негативните извештаи на Европската комисија кои се однесуваат на Собранието – рече Митрески.
Тој потсети дека и последните измени на овој Деловник во 2013 година и претходно во 2008 година, беа донесени без учество на тогашната опозиција во нивната изработка и упати повик до актуелната опозиција да се вклучи во процесот со цел сите заедно да донесат Деловник кој што ќе обезбеди функционално Собрание. Интенцијата, рече тој, треба да ни биде да има функционално Собрание, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција.
– Успорено е функционирањето на Собранието, а посебно во вакви ситуации – криза, ковид последици, економска и енергетска криза, проблем со зголемување на цените на производите на основните производи… Ние мора да имаме функционално Собрание за побрзо да се движат работите во законодавниот дом. Зошто? Затоа што и за предлозите кои што доаѓаат и од пратеници, но и предлозите од Влада кои што се однесуваат за помош на граѓаните, имаме ситуација да се закажуваат подоцна и да доцнат и да навлегуваме во некакви рокови кои се веќе планирани со предлози на закони, за на крај да бидат неспроведливи, па да поднесуваме амандмани. Сето тоа е кочење во процедурата или помала функционалност, од што на крај штета имаат граѓаните и фирмите – рече Митрески.
Лидерските средби за уставни измени ќе продолжат
Во одговор на новинарско прашање во врска со вчерашната лидерска средба свикана од премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, Митрески смета дека таков формат треба да одлучува за прашања кои се однесуваат за европската иднина на земјата.
– Се надевам дека ќе продолжат, затоа што мислам дека треба таков формат да одлучува за вакви прашања, посебно кога станува збор за европската иднина и заедно да одлучиме за патот за европската иднина на нашата земја. Сигурен сум дека тоа е точно, дека ние како партии сме се определиле дека нашата стратешка цел освен членството во НАТО, е и членството во ЕУ. Не знам колку резолуции и декларации сме гласале сите заедно каде што во Собранието ги определуваме нашите стратешки цели – посочи тој.
Според Митрески, со внесувањето на Бугарите во Уставот уште еднаш го потврдуваме македонскиот идентитет, дека постои и македонски народ заедно со бугарскиот, како два посебни народи.
– Со оглед на тоа што повикот е обезбедување на европскиот пат на нашата земја, очекувам дека и тоа е можно во следниот период. Повикот е за размислување до пратениците на опозицијата, најчесто на ВМРО- ДПМНЕ, што значи внесувањето на Бугарите во Уставот. И ние имаме период додека трае скриниг процесот, да се седне дополнително уште еднаш, трет пат, четврти пат, да се извадат аргументите што значи тоа за нашата земја и очекувам дека на крајот на денот ќе има повеќе од 80 пратеници за изгласување на измените во Уставот – рече Митрески.