СО ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ ДА СЕ ПОЛАГА НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК Мицкоски рече дека има политичка волја да се регулира ова прашање

Јас сум подготвен тоа да го регулираме со закон и тоа не само за албанскиот јазик, туку и за јазиците на сите делови од народи коишто се споменати во Преамбулата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

792

Премиерот Христијан Мицкоски е подготвен да се донесат измени на Законот за употребата на јазиците, за да се овозможи албанските граѓани да го полагаат правосудниот испит на албански јазик.

На новинарско прашање во врска со тоа како ќе се надминат несогласувањата, со оглед дека министерот за правда Игор Филков е против ова барање што го изнесе вицепремиерот Беким Сали, премиерот рече дека мора да се знае суштината, за да се дојде до решението.






– Уставот е јасен и прецизен и вели дека офцијален јазик на целата територија на Македонија и во меѓународна употреба е македонскиот јазик, но, исто така, официјален јазик е и албанскиот, односно јазикот на заедницата која е поголема од 20 отсто . Тоа е амандманот 5, кој го заменува членот 7 од Уставот и таму многу јасно стои дека комуникацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот на заедницата која е повеќе од 20 отсто, откако тоа ќе биде утврдено со закон. Ние мораме овој процес на полагање најпрво да го утврдиме со закон. Законот, ваков каков што е, не дозволува таков тип на полагање – рече Мицкоски.

Јас сум подготвен, додаде, тоа да го регулираме со закон и тоа не само за албанскиот јазик, туку и за јазиците на сите делови од народи коишто се споменати во Преамбулата.

– Зошто? Затоа што Уставот, исто така, вели дека во единиците на локалната самоуправа каде има националност која е над 20 отсто од вкупниот број на населението, комуникацијата со подрачните единици на министерствата се одвива на нивниот мајчин јазик. Да речеме, во Центар Жупа мнозинство е турската заедница, во Шуто Оризари мнозинство е ромската… – потенцира премиерот.

Потребни ни е правници, кои ќе имаат квалитет, рече Мицкоски.

– Сега, ние да се зачауруваме со некакви национал-романтични тези, а да се повикуваме на Устав и на закон и не го објаснуваме тоа како е, ниту едната, ниту другата страна, тоа е политиканство. Нема врска ниту со Уставот, ниту со законите, ниту со политиката. Тоа е класично политиканство. Ако сакате тоа да се случи, потребен е закон. Јас сум подготвен да се направи закон, тој да се прати во Венецијанската комисија и таа да даде мислење. Факт е дека кога е направен Законот за употребата на јазиците тој доби негативно мислење од Венецијанската комисија за делот на правосудството. Треба да се имаат в предвид сите факти. Еве, од моја страна има политичка волја да се седне и ова да се регулира. Јас утре ќе ги поканам на разговор оние кои ја изнеса оваа тема во јавноста, да поразговараме за сите овие факти, за да дојдеме до решение. Целта на оваа Влада е да се развива Македонија и граѓаните да живеат подобро, да одиме напред и еден ден да влеземе во ЕУ. Теми од пред 30-40 години не ни се потребни. Затоа велам тоа е политиканство – рече Мицкоски.

На прашање дали преписките меѓу министрите Беким Сали и Игор Филков ќе направат раздор во владината коалиција, Мицкоски одговори негатовно.

– Дебатата е добра, здрава и очекувам денеска таа дебата да престане – рече Мицоски.

Поврзани содржини