Со Софија и со Брисел веќе не разговараат заевци и тачевци – во Скопје има нова влада и нова политика

Во позицијата на македонската дипломатија кон споровите со Бугарија има промени. Христијан Мицкоски ја напушта сервилната и штетна политика на владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски. Преземените меѓународни обврски ќе се почитуваат, но не на штета на македонските национални интереси. Македонците сакаат во ЕУ, но не оспорени, деноминирани, понижени и поништени.

7,898

Не е загрижена Софија од идејата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски францускиот предлог да добие „француски предлог плус“.

Не е тоа причината поради која Министерството на надворешни работи на Бугарија им се закани „на властите во Скопје“ дека „обидите за повторно преговарање на меѓународните обврски кои веќе се преземени може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ“.






Со оваа нова изјава на привремената влада во Софија, ослабените актери на бугарската политичка сцена се обидуваат да се факторизираат пред претстојните избори на 27 октомври. Прогнозите, сепак, не ветуваат дека исходот од овие избори ќе доведе формирање стабилна политичка влада, која ќе може активно да ги продолжи разговорите за унапредување на добрососедските односи со Македонија.

Софиските политичари секогаш внимателно ги читаат изјавите на нивните колеги во Скопје и несомнено ги разбираат нештата. Тие многу добро знаат дека Мицкоски не се откажува ниту од Договорот за добрососедство, ниту од Преговарачката рамка, а најмалку, пак, од преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Но, вистина е дека во позицијата на македонската дипломатија има промени и дека Мицкоски ја напушта сервилната и за македонските национални интереси штетна политика на владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски.

Важно е да се знае и јасно да се каже дека тие промени суштински не ги компромитираат обврските што владите на Заев и на Ковачевски ги презеле кон Софија, кон Брисел и кон другите важни актери на меѓународна заедница.

Да, точно е дека македонската влада има преземено обврска да ги внесе Бугарите во македонскиот Устав, но не и да го прифати конкретниот предлог што го подготви владата на Ковачевски. Тоа беше лош предлог и не можеше да биде прифатен. Од многу причини, за кои сум пишувал неброено пати.

Владата на Мицкоски има повеќе идеи за тоа како да се исполни преземената обврска. Тие идеи не се ниту нови, а ниту тајни, беа соопштени и во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција. Последната идеја ја соопшти новиот шеф на македонската дипломатијата Тимчо Муцунски: Бугари во Уставот, но со важност од денот на приемот на Македонија во ЕУ.

Исто така, важно е да се знае и јасно да се каже дека е ноторна лага и манипулација тврдењето дека Францускиот предлог, Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство ѝ наложуваат на новата влада да го процесуира и да го прифати конкретниот предлог на кабинетот на Ковачевски, или кој било друг конкретен предлог.

Никаде – повторувам, никаде! – во овие документи тоа не е запишано. Кој тврди поинаку, молам да ме демантира, ама со јасни цитати, а не со политикантски тези и шпекулации. Напротив, Македонија има право да ја реализира својата обврска на начин што нема да бидат загрозени македонските национални интереси со старо-новите софиски диктати и уцени и со политика на вето.

Истото се однесува и на преземената обврска на владите на Заев и на Ковачевски да преговараат за историските и за образовните прашања за кои Софија со години и со децении спори со Скопје, во обид да докаже дека македонскиот народ, македонската нација и македонската држава се вештачки творби на Коминтерната и на Тито и дека македонскиот идентитет нема историски континуитет и е лажен.

Да, за таа цел е формирана посебна Заедничка македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со која до сега, од македонска страна, претседаваше академик Драги Ѓоргиев. Таа комисија досега „произведе“ два протокола, со многу спорни формулации со кои се загрозуваат македонските национални интереси. Поради тоа, но и поради многу чудни изјави на академик Ѓоргиев, јавноста стекна впечаток дека македонскиот тим не ги оправда очекувањата.

Значи, да биде јасно: Македонија има преземено обврска да преговара со Бугарија за спорните историски и образовни прашања и за тоа да учествува во формираната мешовита комисија, но ни Договорот за добрососедство, ни Францускиот предлог, ни Преговарачката рамка не велат дека комисијата мора да ја води академик Ѓоргиев и дека македонската страна мора со невидена леснотија да ги прифаќа бугарските тези и толкувања на „заедничката историја“ на двата народа како бугарска.

И затоа, владата на Мицкоски има право – а јас би додал, има и обврска! – да ја промени македонската екипа во комисијата, а посебно академик Ѓоргиев, кој повеќе се занимава со политика и со политикантство одошто со вистинска научна експертиза на спорните теми. Глупаво е да се очекува новата влада да разговара за овие теми со Софија со посредство на членовите на комисијата избрани од Заев.

Е токму ова последново е она што најмногу ги боли Бугарите. На секој што малку ја разбира бугарската политика кон Македонија му е совршено јасно дека таа суштински се нема променето од периодот на Тодор Живков и на Цола Драгојчева, а и новите генерации бугарски политичари немаат намера да ја променат. Мешовитата комисија е оформена со јасна задача да ги наметнува бугарските негаторски тези за Македонија и за Македонците. Тоа е направено со премолчено прифаќање од владите на Заев и на Ковачевски, но и на луѓето кои во име на тие две влади ставија потписи на првите два спорни протокола.

И затоа, ние знаеме дека бугарската позиција кон Македонија нема да се смени, без оглед дали во Софија има редовна или преодна влада. Нема потреба бугарското МНР тоа да ни го кажува пак, по кој знае кој пат.

И ние знаеме дека темата „Бугари во Уставот“ не е единствениот и последен услов Македонија да преговара со ЕУ, како што пред изборите лажеа Ковачевски, Бујар Османи, Бојан Маричиќ и другите од таа божемна проевропска влада. И тоа ни го кажаа претходните софиски преодни влади.

Но, на лагите и на манипулациите им дојде крајот.

Никој не треба да му се лути на Мицкоски за тоа. Човекот знае дека не смее ни да помисли да влезе во филмот во кој беа „европејците“ заевци и тачевци, бидејќи Македонците тоа сега лесно ќе го „прочитаат“ и тука ќе биде неговиот крај во политиката.

Од сега па натаму, Скопје, со Софија, но и со Брисел и со Вашингтон, за овие прашања ќе мора да разговара многу отворено, искрено и принципиелно – да, сакаме добрососедски односи со Бугарија, немаме ништо против бугарскиот народ и против бугарското малцинство во Македонија, но нема да се прифатат никакви решенија и проекти кои ги загрозуваат македонските национални интереси.

ВМРО-ДПМНЕ така искрено и отворено треба да разговара и со албанскиот партнер Вреди – да, ние сакаме во ЕУ, водиме грижа дека европската перспектива е национален интерес на Албанците, но очекуваме и Албанците да водат грижа за националните интереси на Македонците. И убеден сум дека луѓето од Вреди разбираат дека Македонците не сакаат да влезат во ЕУ оспорени, деноминирани, понижени и поништени.

Да разбиеме уште една софиска лага. Не е вистина дека Мицкоски е тој што „ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја“, како што вели софиското МНР. Не. Македонија нема никаква „европска перспектива“ ако Софија продолжи со политиките на уцени и вето и ако Брисел ја поддржува во тоа.

Еве и јас, кој за Европа и за европеизација пишувам и говорам безмалку во текот на целата своја професионална кариера, јас кој со група мои тогашни истомисленици пред повеќе од 15 години крстаревме во „поход“ низ Македонија и во полните сали агитиравме за европските вредности (тогаш тоа беше нешто за кое човек можеше да заврши многу лошо), еве јас не се воздржувам отворено да кажам – ако условот за нашето влегување во ЕУ е побугарчување на моите претци и на мојата земја, тогаш ние нема што да бараме таму!

Убеден сум дека ова го чувствуваат не само луѓето на власт во Македонија, туку и целиот македонски народ. Со исклучок на неколку ведети на сдсмовската пропаганда кои постојано зборуваат за смртта на Македонија и на Македонците, го величаат Нордот (Северна) и јавно ги потпишуваат провокаторските соопштенија од Софија, како ова последново.

Убеден сум дека македонскиот патриотизам и грижата за македонските национални интереси не е „провокација“ или „конфронтација со соседните земји“, туку принципиелен проевропски став, кој мора да се почитува.

А кога сме веќе кај провокациите …

Сте помислиле ли зошто веќе со месеци нема никакви провокации и инциденти на тема „непочитување на правата на Бугарите во Македонија“?

Како е можно за време на божемната проевропска влада на СДСМ и на ДУИ да има инциденти на дневна основа, а сега, кога на чело на владата е некој што „ја загрозува европската перспектива“, нема ништо такво?!

Јасно е во која грмушка лежи зајакот. Сите знаат дека Македонија никогаш не водела агресивна или негаторска политика кон бугарското малцинство во Македонија и кон Бугарите и Бугарија воопшто. Сите тие инциденти беа последица на акции и провокации смислени во софиски кругови и реализирани од опскурни лица и сомнителни удбашки структури во Македонија.

Сега, после новата атака од бугарското МНР, нема да биде изненадување ако се обноват провокациите и инцидентите и ако Бугарите овде одново се сетат колку се „репресирани“ и „понижени“ во Македонија.

Тоа е таа софиска „добрососедска“ политика, која засега се уште ужива поддршка од бирократите во Брисел.

Но не и од македонската влада.

Веќе не.

Поврзани содржини