СМРТТА НЕ Е ЕПСКА И ДРАМАТИЧНА, ТУКУ ТИВКА „Книга за тагата“ говори за бесшумниот живот на луѓето со депресија
„Имам видено како умира човек. Кога некој ќе умре, сите брчки на неговото лице исчезнуваат. Апсолутно е точно, се ослободувате од телото и од возраста, од дамките и од боите, а малите крвни садови на челото исчезнуваат, станувате целосно мазни, а кожата целосно бела, речиси проѕирна. Како да не сте биле на сонце многу долго време“.
Овој цитат од „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ (Арс либрис, 2024), на норвешката писателка Марија Наваро Скарангер, говори за смртта, но не за епска смрт, со драматична музика и со нагло умирање по искажаните тешки последни зборови, туку за вистинската тивка смрт необременета од стилизацијата на кичот.
Писателката говори на јазик кој вешто ги изостава литературните формалистички „начела“ и нејзината приказна е проследена со тек на мислата својствен за постмодерната книжевност, а близок до дисонантните мисли кои не се покоруваат на структурата во класичната книжевност.
Протагонистката во четивото, која говори во прво лице, со фрагментирана нарација и низ прозни цртички раскажува за нејзиниот однос со брат ѝ Нилс и за неговиот живот, откако тој се самоубива скокајќи од тераса.
Таа и нејзините браќа Мик и Нилс се деца на разведени родители. Татко им ја напушта мајка им додека се малечки и е отсутен од нивниот живот, ретко ги посетува и покажува неконзистентни чувства. Тој дури не знае ни на кој кат е станот на Нилс, но по смртта на син му ѝ пишува порака на протагонистката во која ја изразува неговата безрезервна љубов неможејќи да го стори тоа во живо.
Од друга страна, пак, мајка им сѐ уште го сака татко им, па дури чува и негови предмети под креветот, меѓу кои и неговиот џемпер кој го мириса. Таа има сложен однос со татко им со кој сѐ уште се сакаат и покрај тоа што не умеат да комуницираат.
Нараторката искрено и во некоја мера некохерентно, како што и функционира текот на мислата, говори за идентитетските кризи на нејзиниот брат Нилс, неговата изолација, асоцијалност и за неговиот однос со шумата која е силен мотив во „Книга за тагата (приказна за Нилс во шумата)“. Во романтичарската скандинавска школа и во бројни митови и приказни ширум светот, шумата е чест мотив кој ја симболизира хаотичноста на природата необременета од начелата на цивилизацијата. Шумата ги измива општествените норми од умот и го враќа во прасвесна состојба во која нема логика и етички вредности, туку магија и нагон за опстанок.
Нилс постојано оди во шумата и се изолира од општеството, неговата психијатарка мисли дека шумата го разболува, но тој само таму може да избега од социјалните синџири, а веројатно и од себе. Суровоста на природата го отуѓува од општеството.
Низ призмата на јунговата литературна критика, Нилс живее со подвоен идентитет – едниот дел го претставува неговиот женски принцип, односно анимата, а другиот, машкиот принцип, односно анимусот наметнат од општествените норми. Тој честопати ѝ раскажува на сестра му дека сака да биде жена, што наводно му е период според неа, но неговиот однос кон телесното потекнува и од конфликтот меѓу неговиот вредносен систем со тој на родителите и на општеството.
Нилс не умее да ги искаже своите чувства, па кога му умира првото милениче, морско прасе, тој го фрла во корпа за отпадоци и се преправа дека не е засегнат, иако го сака. Неговата околина затоа подобро ги одразува неговите чувства. Станот на Нилс, во блоковите згради дизајнирани за мигранти, е валкан и ја отсликува неговата депресија, хаотичен како природата и екстензија на неговата психолошка состојба. Депресијата му ја одзема моќта да ја контролира околината, а природата, како чест мотив во четивото, ја претвора неговата непосредна околина во хаос кој на крај го разградува и неговиот живот.
Смртта е неизбежна, таа е природен процес кон кој тежнее животот. Но, смртта на Нилс е неприродна, или, пак, природен завршеток на неговата болка. Нилс честопати трча во шумата, речиси како да сака да си излезе од телото кое не го чувствува како свое, па самоубиството можеби му е единствен излез.
„Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ говори за теми кои се чести, но се занемарени и исфрлени од „нормалното“ поради страв. Како дел од бранот литературни творби денес, кои сѐ почесто говорат за овие теми, ова дело е одраз на духот на своето време.