СЛУЖБЕНИТЕ ВОЗИЛА ЌЕ БИДАТ СЛЕДЕНИ СО ГПС Досега околу 700 државни автомобили се обележани со црвени таблички
Очекувам до последниот рок, 29 септември, сите службени возила да бидат обележани, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.
Заклучно со вчера до 16 часот, имаме околу 700 службени возила кои веќе се брендирани, обележани. Очекувам до последниот рок, 29 септември, сите возила да бидат обележани. Имаме соработка со сите институции и задоволен сум од динамиката, изјави вечерва директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски.
Тој рече дека целта е сите службени возила и возила во сопственост на државата да бидат брендирани, односно да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблички во црвена боја.
Томовски појасни дека во јавноста се споменуваат околу 7.500 службени возила, но голем дел од нив се вон употреба и најверојатно ќе бидат расходовани.
Тој ги повика институциите да пристапат кон рационализација на возила и да се сведе на минимум нивната употреба, онолку колку што е им потребно за непречено функционирање.
– Сите оние 7.500 возила кои ги спомнуваме, туку припаѓаат и возилата од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Агенцијата за национална безбедност, амбулантните возила, протипожарните возила, сè она што значи државна сопстевност. Она што можеби би и било потребно на државата не би требало да брои повеќе од 2.000 возила, за да можеме понатаму непречено да функционираме. Тука влегуваат и оние инспекциски служби, како УЈП, Управата за финансиска полиција – рече Томовски во гостување на Сител.
Тој потенцира дека оние институции што ќе се обидат да избегнат промена на таблиците до 29 септември, тоа нема да можат да го избегнат кога ќе дојде редовната регистрација на возилата. Тој ги повика институциите да ја почитуваат препораката на Владата и дадениот рок.
Томовски информира дека се формира работна група меѓу МВР и СОЗР за да се види дали во рамки на пропишаните закони може да се направи нешто во казнувањето, во делот на злоупотреба. Очекува тоа да се заврши до крајот на годинава. Очекува дотогаш, како што рече, МВР да го направи регистарот на возила, каде ќе бидат и службените возила и сите возила во државата.
Директорот на СОЗР очекува дека и сите општини до 29 септември ќе ги променат таблиците. Потсети дека на нивната веб-страница има јасни инструкции како да се стори тоа.
Информира дека се разговора во рамки на нивната служба, заедно со МВР, на сите возила да им се инсталира ГПС за следење, за да се спречат злоупотребите на возилата.
Рече и дека како служба ѝстојат на располагање на Антикорупциската комисија и оти во зададениот рок доставиле информација колку службени возила има и кои институции ги имаат на располагање.