Скопје одбележува 57 години од катастрофалниот земјотрес

Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат голем број на настани.

241

Скопје со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени. Оваа година, поради специфичната состојба со пандемијата на Ковид-19, сите активности ќе се организираат согласно строгите протоколи за вакви настани на Владата и Министерството за здравство.

Цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел денеска ќе положат делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од потпретседателот Горан Мисовски и Жаклина Пешевска, делегација на Владата предводена од вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и делегација на Советот на Град Скопје.






Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат голем број на настани.

„МКЦ за Скопје“ е мултимедијалниот настан кој денеска ќе го организира Младинскиот културен центар за одбележување 57 години од скопскиот катастрофален земјотрес. Настанот ќе се одржи во паркот на МКЦ по соодветен протокол и почитување на мерките за заштита. Бројот на посетители ќе биде ограничен, влезот е бесплатен, но со билети кои може да се набават преку bileti.mkc.mk.

– „МКЦ за Скопје“ е настан кој нè потсетува на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје, на интензивноста, обединетоста и хуманоста на луѓето, соопшти Младинскиот културен центар.

„МКЦ за Скопје“ ќе почне вечер во 19:30 часот со изложбата „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“. Изложбата ги претставува култните градби во градот Скопје, надополнета е и со видеопроекција.  Автори на фотографиите се Горан Јакимовски, Горан Георгиевски, Владимир Арсовски. Селектор е архитект Ѓоко Радовановиќ, а монтажата на видеото за изложбата е на Митко Арнаудов.

Од 20 часот ќе биде промовирана книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје.

– Текстовите, т.н. антиразгледници, се создавани во периодот 2016-2020, а поттикот за нивно пишување во голема мера е промената на архитектонскиот лик што градот ја доживеа изминативе години. Во неа средишно место заземаат приказните за малите луѓе и феномените кои се маргинални, сето она што никако не би можело да се најде во историските учебници и на разгледниците. Поривот за таквиот третман на градот доаѓа токму од бруталноста со која се интервенираше врз неговата „голема слика“ и „голема приказна“. …, соопшти МКЦ за книгата на Иван Шопов.  За неа ќе зборува Владимир Јанковски, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.

Мултимедијалниот настан во сеќавање на земјотресот од 1963-та ќе продолжи во 21 часот со учество на „Импров група“ и нивната претстава „Импров настап“ – заснована на игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика. „Импров настап“ е комична, непосредна, но комплексно структурирана театарска претстава, обврзана да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив. Во неа играат: Мартин Манев, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски и Наталија Теодосиева, а водител на настапот е Андреј Цветановски.

Од 22 часот во рамки на „МКЦ за Скопје“ е музичката програма и концерт на бендот „Перија“ – во кој членуваат  Филис, Кате и Леа кои изведуваат музика на уд, перкусии, тамбура и кемане. По нив ќе настапи „21 век“ – бенд на  Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев кои истражуваат експресивна палета на влијанија – од постпанк до македонска традиционална музика, и бендот „Ен2три“ кој за оваа пригода ќе настапи со перформнсот „5:17“.

По повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес, Кинотека и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) премиерно ќе прикажат два документарни филма: „Првата светска војна, сеќавања” на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Настанот, насловен „Сеќавања“, е закажан за вечер, со почеток во 21 часот.

„Првата светска војна, сеќавања” е посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и Швајцарија, а финансиски е поддржан од амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија. „Преживеани спомени”, пак, е дел од проектот „Фотографијата сведок или жртва” реализиран од страна на МЦФ во 2014 година во кој осум наши сограѓани, евоцираат спомени како го преживеале земјотресот од 1963 година и што е она што засекогаш ќе го паметат од тоа летно утро. Филмот е направен како дел од покомплексна уметничка инсталација и првпат се проектира надвор од поставката.

На проекцијата на филмовите ќе се обрати амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.

Изминатите денови се одржаа повеќе настани по повод 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст на Град Скопје ја организираа традиционалната крводарителска акција во Дневниот центар за дарување во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Музејот на Град Скопје ја организираше изложбата за големата трагедија што се случи на 26 јули 1963 година. Автор на изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ е Зоја Богдановска, кустос советник историчар. На 14 паноа акцент се става на клучните мигови по несреќата, на првата помош пристигната од тогашните југословенски републики, како и на испружената рака на светот за помош на настраданото население на Скопје. Содржината на изложбата исполнета со текстови, фотографии, карти и мапи, на публиката ѝ понуди повеќе информации за она што било Скопје пред земјотресот, како и за она што станало Скопје во времето нахуманитарната и солидарна помош на граѓаните на светот.

Поврзани содржини