СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ГРАДОТ КОЈ ГО ЗАСЛУЖУВАМЕ Арсовска вели дека многу проблеми ќе бидат решени уште во првите 82 дена

Со целосна посветеност, со напорна работа, со професионален менаџмент, Скопје ќе биде градот кој го заслужуваме, и градот со кој повторно ќе се гордееме, рече Данела Арсовска, канидат за градоначалник на Град Скопје, на денешниот завршен митинг пред платото на Филхармонија во главниот град.

651

Мојот план за Скопје, мојата визија ги претставив сe амбициозни, но возможни реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мојот мандат. Многу од нив уште во првите 82 дена, рече Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Град Скопје на вечерашниот завршен митинг пред платото на Филхармонија во главниот град.

– Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите депонии, сите диви депонии во градот Скопје, да се отвори едношалтерскиот систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа секој  ден во неделата. Ќе ставиме крај на дивеењето и на урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиеме модерно Скопје, со урбанистичко планирање заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, со строга заштита на зелените зони и 5 нови мега паркови во споменатите делови на нашето убаво Скопје – истакна Арсовска.






Арсовска во своето обраќање пред скопјани се осврна и на потребата од дигитализација на градот, притоа посветувајќи се и на правилно менаџирање и мотивација на администрацијата која ќе стане транспарентна и ефикасна и во служба на граѓаните.

– Толку сме навикнати да трчаме од шалтер до шалтер, да чекаме редици со часови и на крајот да не го добиваме ни тоа што ни е потребно кога станува збор за јавната администрација, толку сме навикнати на корупција што веќе го прифаќаме ваквиот начин на функционирање како нормален, а не треба да е така. Сите знаеме дека тоа е погрешно, дека тоа е погрешно раководење кое не смее да се дозволи. Но, може да биде и ќе биде поинаку. Преку дигитализација и новиот едношалтерски систем, сите граѓани ќе уживаат во брзи, транспарентни и одговорни јавни услуги. Транспарентна и ефикасна администрација во служба на граѓаните – и политика на нулта толеранција за корупција и непотизам – рече Арсовска.

Таа додаде дека токму ова се столбовите на модерно и европско Скопје.

– Ова се столбовите кои ќе почнеме да работиме на нив да ги развиваме уште првиот ден на стапување на градоначалничката функција. Со целосна посветеност, со напорна работа, со професионален менаџмент, Скопје ќе биде градот кој го заслужуваме, и градот со кој повторно ќе се гордееме – потенцираше таа.

Претходно, Арсовска гостуваше во емисијата „Само интервју“, каде што истакна дека ќе се откаже од статусот конзул на Унгарија и од претседател на ССК откако ќе стане градоначалник на Скопје.

– Како што имам статус на конзул на Унгарија, исто така имам и статус на претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија и ќе се откажам од сето тоа, затоа што во следниот период единствената намера што ја имам е да бидам претставник на сите скопјани во градот Скопје – рече Арсовска.

Поврзани содржини