📽 📷 📊 СКОПЈЕ ИМА ПРЕКРАСНИ ИДЕИ ЗА УЛИЦИ И КОРИДОРИ, АМА НЕМА НИ ПАРИ НИ ПАМЕТ Секој градоначалник почнува од нула, а Данела може да заврши и во минус
Градот има грандиозни инфраструктурни планови и проекти - нови булевари, коридори, тунели, чуда... Но, без соработка меѓу градската и централната власт, тие остануваат мртво слово на хартија. Две години градоначалничката Данела Арсовска не може да реализира ниту еден проект, а последната надеж е втората половина од мандатот. Освен ако и таа не влезе во трка за парламентарните избори.
Вистинска одисеја е по скопскиот булевар Борис Трајковски наутро да стигнеш до работното место и попладне да се вратиш до својот дом. Се патува околу 30 минути, по делница од нешто повеќе од 2 километри во едната насока од Пинтија до Драчево. „Булевар… засега само ќе го сонуваме“, коментираат скопјани на социјалните мрежи.
Оваа делница своевремено беше најавувана како еден од капиталните проекти за подобрување на сообраќајот во Скопје. Станува збор за четвртата фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот Борис Трајковски во Кисела Вода. Деталите за овој проект на 11 октомври 2017 година, на прес-конференција, ги соопшти тогашниот градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски. Но, на тогашните локалните избори, градоначалничката позиција ја освои Петре Шилегов од СДСМ.
Булевар од 2 километри „смени“ тројца градоначалници
И потоа проектот не мрдна од нула до 22 јуни 20121 година. Шилегов го обнови проектот пред самиот крај на својот мандат. Постави неколку градежни машини на рамна површина, без претходно да ги заврши сите неопходни постапки. Останаа нерасчистени многубројни имотно-правни односи и експропријации, што предизвика подолг застој, иако остана ветувањето дека булеварот ќе биде завршен до јуни 2023 година. На крајот на 2021 година се одржаа локални избори, при што Шилегов не успеа да го добие вториот мандат. За градоначалничка беше избрана Данела Арсовска, која мандатот го презеде на 8 ноември 2021 година.
Со еден збор, една куса, двокилометарска делница „смени“ тројца градоначалници, а до денес немаме вистински одговори на прашањата зошто работите во овие шест години не мрднаа од мртва точка.

Градоначалничката на Скопје, како што може да се види на нејзината Фејсбук страница, само еднаш се појави во Пинтија, за фотографирање, во средина на летото во 2022 година, пред машината „асфалтерка“, додека го асфалтираа делот пред семафорот во населба Пинтија.
Факт е дека Арсовска се однесува незаинтересирано за финализација на овој проект. Или, пак, се добива впечаток дека Град Скопје нема финансии и капацитет да го доврши, при што градоначалничката заборава, или не знае, дека оваа делница ја користат граѓаните од трите општини Кисела Вода, Студеничани и Зелениково и дневно по неа се движат на околу 40.000 моторни возила од сите категории.
Љубиша Георгиевски, поранешен генерален секретар во Град Скопје, категорично вели дека булеварот Борис Трајковски мора веднаш да се догради, затоа што е недозволиво парцијално правење на проектите.
– Драчево веќе е мал град. Тие жители имаат потреба брзо да пристигнат во центарот на Градот, а не со години години да чекаат, да ги кршат возилата и да заглавуваат во метежи.
Нема континуитет, сите проекти се тргни па застани
Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, во разговор за Плусинфо вели дека реализација на ваков проект е сериозна работа. Не треба да се ветуваат брда и долини. Толку ќе се вработуваат, толку проекти ќе се реализираат… Не треба да се оперира со бројки, туку да се даде ветување дека ќе се работи чесно и искрено, во интерес на граѓаните.
– Мене ме чуди тоа што, според претходното работно искуство Арсовска во менаџирањето, да не дознала некои важни нешта. Не може капитални проекти да траат по две години. За една клучка да се направи кај „Реплек“, на пример.. Тоа е многу скап проект којшто го плаќаат граѓаните, а не Арсовска. Мене лично Арсовска ми кажа дека долгот во буџетот е околу 100 милиони евра. Јас ѝ реков дека мора тоа јавно да го каже, за да не очекуваат граѓаните веднаш реализација на тоа што го има ветено. Според мене, требаше чесно да им каже, што може,а што не може да реализира од програмата. Да објасни дека буџетот е толку, приходите се толку, а само за овој проект ќе бидат потребни толку пари – вели Костовски.
Тој вели дека Арсовска својата способност за менаџирање треба да ја искористи за тоа како може да привлече средства од фондовите од ЕУ, за пречистителни станици, за нови булевари и слично.
– Таа требаше да најде потенцијален партнер со кој ќе направи нешто. Но, за жал, не најде. Бидејќи лошата работа во Македонија е што нема континуитет за некои проекти, ниту во владините коалиции, ниту на локално ниво – tvrdi Костовски.
Костовски: Јас ја поддржувам Арсовска, ама не бланко
Јас ја поддржувам и ќе ја поддржувам, бидејќи се работи за мене, за мојот град и за моите сограѓани. Меѓутоа, мора и таа да знае да испорача нешто што мене ми треба. Арсовска бараше поддршка од сите, но ако ја бара од мене само како поддршка, јас бланко поддршки не давам. Поддршка од мене има како човек, но zа проектите не можам да ѝ ја дадам, ако ништо не направила.
Прво што требаше да направи Арсовска како вистинска градоначалничка е да ги реализира започнатите проекти уште од Шилегов и од Трајановски, истакнува поранешниот градоначалник на Скопје.
– Тие проекти сè уште се во изработка веќе две години. Откако ќе ги завршеше, тогаш требаше да размислува за нови проекти. Тоа што е од времето на Трајановски и на Шилегов имало некаква логика и смисла. Не е нејзина работа да бара дупки, дали некој крадел или не, таа треба да ја следи логиката на проектите за да може да го води градот. Основен закон во економијата е капиталниот проект да биде реализиран во најкратко можно време, со сите нијанси кој тој ги содржи во себе. Краткиот рок е важен, бидејќи секој ден задоцнување чини големи пари. Тука веќе две години се работи една клучка која е значајна за градот, а патот исто од Пинтија до Драчево уште се гради. Имам искуство од четири години градобачалникување и можам да проценам дека многу се доцни. Некои работи се започнуваат, па се запираат. Ќе ви дадам еден пример: улица од 500 метри се правеше со месеци, два дена се работи, пет не се работи… Немало нафта. Работниците не се виновни за тоа, менаџерска способност е да се организира и проектот да се финализира во најкус можен рок, а сите трошоци да бидат покриени – објаснува Костовски.
ЈП „Улици и патишта Скопје“ чека налози од градските власти
Данела Арсовска во својата програма „За модерно Скопје“ најави почеток на изградба на булеварот Хрватска (во соработка со централната власт), продолжување на булеварот Словенија до Ѓорче Петров, како и продолжување на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до кракот со булеварот Ѓорче Петров со 4 ленти. Но, на овие траси засега ништо не се случува.
Од Јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје“ за Плусинфо велат дека досега за споменатите булевари и улици немаат добиено ниту еден налог за реализација.
– Нашето претпријатие работи исклучиво по добиени налози за работа од Град Скопје, а во врска со проектите кои ги наведувате сè уште немаме добиено налог за работа. Подетални информации за реализација на овие проекти можете да добиете во Одделението за односи со јавност во Град Скопје – велат од ЈП „Улици и патишта Скопје“.
Што се случува со кружниот тек кај поранешниот Дом на печатот?
Деновиве, кога е најавено отворањето на „Дајмонд мол“, скопјани прашуваат што станува со подземната сообраќајница под Јужен булевар во комплексот „Дајмонд“.
Улицата под комплексот „Дајмонд“ е готова. Според проектот, таа ќе биде со должина од 800 метри и широка 37 метри. Ќе има по две ленти во секој правец и две линии за трамвај во средината. Вкупната површина на која се гради целиот комплекс е 325.000 метри квадратни, од кои трговскиот центар „Дајмонд мол“ ќе биде со површина од 47.000 метри квадратни и ќе се промовира в петок, на 20 октомври. Во комплексот ќе има и 4 згради, две источни и две западни со 20 ката, три нивоа паркинг простор и 17 ката станбени единици. Делот меѓу трговскиот центар и кулите ќе биде шеталиште со јавни содржини. Инвеститорите велат дека во комплексот ќе има 3.200 паркинг места и 11.000 метри квадратни зелена површина.
Обврска на Град Скопје е оваа подземна сообраќајница со два кружни тека – еден кај зградата на поранешниот Дом на печатот и друга кај катната гаража „26 Јули“ – да ја поврзе со другите скопски улици.
АРСОВСКА НЕ ДАВА ВЛАДАТА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ КРУЖНИОТ ТЕК Лани во ноември владата планираше да преземе дел од големите проекти на Град Скопје, меѓу кои и кружниот тек кај Домот на печатот, но градоначалничката Арсовска не прифати овие проекти да ги преземе Владата.
Според сообраќајниот и градежниот проект, кружниот тек треба да има елипсовиден облик и ќе ги поврзува булеварите Климент Охридски, Мајка Тереза, Јордан Мијалков, Свети Кирил и Методиј, Митрополит Теодосиј Гологанов, подземниот булевар на „Дајмонд“ и улицата Васил Ѓоргов. Улиците Јордан Мијалков и Свети Кирил и Методиј остануваат еднонасочни.
Поранешниот Генерален секретар во Град Скопје, Љубиша Георгиевски за Плусинфо вели дека кога станува збор за тунелот под „Дајмонд“ и влезот и излезот што треба градот да ги направи, суштината е промашена.
– Во Генералниот урбанистички план, во состав на Јужниот булевар тука има само една подземна сообраќајница. Тоа е само еден дел од Јужниот булевар, кој требаше да чини 60-70 милиони евра. Зборуваме за една брза сообраќајница што требаше да почнува во Ѓорче Петров и да завршува во Драчево, а којашто ќе обезбедеше брз проток на возила низ центарот на градот. Кружниот тек кај Домот на печатот, со влез кај Кисела Вода и излез кон кружниот тек кај Католичката црква, е навистина голем проект, кој би чинел многу пари – објаснува Георгиевски.
Тој додава дека со изградбата на обиколницата и со продолжувањето на Словенечка, проектот Јужен булевар паѓа во вода. Поради тоа треба веднаш да биде исфрлен од ГУП, бидејќи поради Јужниот булевар многу други објекти не можат да се прават на трасата.

Градоначалничката Данела Арсовска пред пет месеци изјави дека не сака да почне со изградба еден од најголемите кружни текови во Скопје, оној кај поранешниот Домот на печатот, пред да се заврши експропријацијата, која, како што рече, би била неспорна зашто голем дел од засегнатите куќи се дивоградби. Најголемиот проблем, според неа, е да се реши ситуацијата со објектот на „Македонски железници – инфраструктура“, кој се наоѓа непосредно до Паркот на новинари, а во кој е сместена значајна ИТ опрема на претпријатието.
Од „Железници инфраструктура“ за Плусинфо велат дека спорниот објект во моментов нема некоја значајна опрема која би го забавила процесот на изградба на кружниот тек, но до нив нема официјално барање дека објектот треба да се руши.
– Нашиот диспечерски центар е префрлен од оваа зграда. Останува само дел од опремата, кој може да се дислоцира во секое време и без да предизвика некакви проблеми во работењето. Ние го поддржуваме овој проект на Градот, но очекуваме за возврат на овој имот да добиеме локација во близина на кружниот тек, за да можеме да изградиме реномиран објект. Писмено за ова ги известивме Град Скопје и општина Центар, но немаме информација дали тоа ќе се прифати и каде е обезбедена новата локација. Инаку, немаме добиено барање објектот да го дислоцираме и дека ќе се руши – велат од претпријатието.
Преголем залак за Арсовска е и сообраќајниот коридор кај „Мавровка“!
Градоначалничката Арсовска во својата програма најави капитален проект во една од најфреквентните крстосници помеѓу булеварите Крсте Мисирков и Гоце Делчев, со што ќе се намали застојот во сообраќајот. Со овој проект е предвидено да се изгради модерен булевар-крстосница на неколку нивоа, кој ќе започнува од крстосницата кај „Ист Гејт Мол“ па сè до плоштадот Скендербег кај Скопската чаршија.
Дека работите сè уште не се мрднати од мртвата точка потврдува и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески. И покрај тоа што нема никаква иницијатива, тој се надева дека наскоро ќе биде демантиран.
– Засега до Совет на град Скопје не се пристигнати никакви иницијативи во врска со овој сообраќаен коридор. Се сомневам дека во мандатот на оваа градоначалничка ќе има некаков напредок во врска со ова сообраќајно решение. Се разбира, би сакал да бидам демантиран. Градоначалникот Арсовска и членовите на Совет ќе ја имаат целосната поддршка за реализација на ваков крупен инфраструктурен проект – ни изјави Славески.
Поранешниот gенерален секретар во Град Скопје, Љубиша Георгиевски за Плусинфо вели кај „Мавровка“ има еден голем проблем, а тоа дека недостасува една лента повеќе.
– Во програмата е најавен модерен булевар-крстосница на неколку нивоа, но сметам дека Градот сам тешко ќе го реализира овој проект. И целиот градски буџет да се употреби, што не е возможно, пак ќе бидат малку пари за вака скап проект со мостови, надвозници и подвозници. Мислам дека Град Скопје го загуби својот чекор за стратешки развој. Падњна во вода она што беше започнато како стратегија за развој на Градот, со имплементација на мостови, булевари и систем на јавен превоз – разочарано вели Георгиевски.
Доказ за тоа, според него, е и клучката кај Момин поток, која според плановите треба да биде готова во ноември оваа година, а според сегашната состојба нивото на реализација на тој проект не е ни 30%.
– Криво ми е што Скопје со ваков инфраструктурен хаос влезе во апликација за европска престолнина на културата, како и за Зелен град. Апликациите успеаја, но хаосот останува – додава поранешниот генерален секретар во Град Скопје.
И Никола Велковски, поранешниот главен градски архитект, вели дека коридорот кај „Мавровка“ е прескап проект што Град Скопје со својот буџет тешко ќе може да го реализира. Поради тоа, потребна е помош од централната власт или од европските фондови.
– Сè во врска со овој проект е испланирано. Да бидеме реални, Град Скопје не може тоа да се финансира. Државата мора финансиски да го поддржи проектот. Скопје е метропола. Сè се случува во Скопје, тука се сите државни установи, седиштата на сите поголеми компании. Логично е Град Скопје да соработува со структурите од централната власт и да има програмата за финансирање и поддршка од државата – категоричен е Велковски.
Тој додава дека Скопје има добра испланирана инфраструктура. Но, досега не се реализирани 35-36% од сите планови. Затоа Скопје е во ваква ситуација – еден мал протест предизвикува сообраќаен колапс.
Сѐ зависи од тоа дали Данела ќе се амбицира во вториот дел од мандатот
Кога станува збор за реализацијата на капиталните проекти, меѓу кои се изградбата и довршувањето на постоечките и новите булевари, советникот Амар Мециновиќ смета дека сè ќе зависи од политичките амбиции на градоначалничката Арсовска.
– Кога Скопје го „држеле“ ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, тие знаеле дека ќе им требаат повторно политички поени за следните избори. Поради тоа давале „форца“ во последната година од мандатот, за тој „напредок“ да остане свеж во меморијата на граѓаните. Така функционираме ние, за жал. Затоа, сега многу ќе зависи од тоа дали Арсовска ќе претендира повторно да биде градоначалничка, или во 2024 ќе настапи на парламентарните избори, бидејќи се шпекулира дека подготвува политичка партија – вели Мециновиќ
Тој додава доколку Арсовска има амбиции да учествува во следните парламентарни избори, не треба да се очекува реализација на споменатите проекти, а ако сака да продолжи како градоначалник на Скопје, најверојатно ќе испорача нешто во последната година.
Најголемата идеја за најголемата пешачка зона во Европа
„Цреша на тортата“ на ветувањата на градоначалничката Данела Арсовска беше пешачка зелена зона на улицата Димитрија Чуповски („Рекорд“). Замислена е како најголемата централна пешачка зона во поширокиот регион. Улицата кај „Рекорд“, која е една од најфреквентните во Скопје, треба да стане достапна само за пешаци. Тоа значи дека треба да се затворат булеварите 11 Октомври и Димитрија Чуповски, од Собрание до некогашната продавница „Ловец“. За да се оствари таа цел, улицата Даме Груев треба да се прошири и таму да се пренасочи сообраќајот.
Поранешниот главен градски архитект Никола Велковски смета дека не е потребно да се затвора улицата Димитрија Чуповски, бидејќи ќе настане тотален сообраќаен хаос околу Собранието.
– Според урбанистичкиот план, не е предвидено затворање на Димитрије Чуповски. Единствено што е предвидено е под таа улица, или кај семафорите на „Рекорд“, да се ископа тунел под улицата. Така нема да има прекин на пешачката зона на улицата Македонија, ќе можат комотно да се движат пешаците и да бидат безбедни – ни рече Велковски.
КАКО ШИЛЕГОВ ЈА ЗАМИСЛИ „НАЈГОЛЕМАТА ПЕШАЧКА ЗОНА ВО ЕВРОПА“ На мапата е замислената „најголема пешачка зона во Европа“, според планот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, од кој засега, барем декларативно, не се откажува и градоначалничката Данела Арсовска. Инаку, најголемите пешачки зони во Европа засега се во Гент (Белгија) и Портеведра (Шпанија) и зафаќаат површина од околу 50 хектари. И Барселона во Шпанија неодамна ја презентираше својата намера да затвори дел од центарот на градот со цел да направи пешачка зона од речиси 33,5 хектари.
Шилегов пред крајот на својот мандат го претстави планот за затворање на Малиот Ринг во Скопје, со што би се добила најголемата пешачка зона во Европа од 71 хектар. Неговата идеја беше тука да биде овозможено движење само на автобусите на сисиетмот БРТ системот. Како што најави тогаш Шилегов, за воведувањето на пешачката зона кај „Рекорд“, потребно е сообраќајот да се пренасочи преку мостот во Аеродром и преку подземната улица под комплексот „Дајмонд“. Така, практично, сите позначајни инфраструктурни концепти би сочинувале една целина. Но, ниту еден од овие зафати засега не е почнат да се гради, а на изградениот мост во Аеродром градоначалничката Данела Арсовска му смисли нова намена – тој, како што рече, ќе служи за ловење риби…
И така, додека скопските рибари добија инфраструктурно решение за подобар улов, но и откако во времето на градоначалникот Коце Трајановски беа извршени најголемите зафати на скопските булевари, грандиозните инфраструктурни проекти останаа на макети и на промотивни видеа, да служат главно за лов на гласовите на скопјани на изборите. Ловот ќе продолжи и во следните две изборни години, а упатените велат дека дури после локалните избори во 2025 година ќе знаеме дали дел од големите планови ќе станат реалност.
МОЛК НА ГРАД СКОПЈЕ И НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ДАНЕЛА АРСОВСКА Град Скопје и Арсовска еден месец одбиваат да ги одговорат на прашањата на Плусинфо: Кога ќе бидат завршени веќе започнатите булевари и кога ќе започне изградбата на новите ветени во програмата? Колку пари се планирани од буџетот во 2023 и колку се планираат во 2024 година за оваа намена?
И покрај тоа што повеќе пати ни беше ветено од шефицата за односи со јавност на градот, Кристина Депо, дека одговорите ќе ни бидат испратени, денеска, утре или задутре, до објавувањето на овој текст, немаме ни одговори ни повратна информација.
