СКОПЈАНИ ДА СИ ГИ ПОДГОТВАТ ЌЕБИЊАТА Два дена пред грејната сезона нема „живо пиле“ кај мостот Беласица

Од ЕСМ ме информираа дека навреме ќе ги завршат своите обврски за да се почне навреме со грејната сезона, истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

2,678

Два дена пред почетокот на официјалната грејна сезона во Скопје, нема абер од поставувањето на топловодната мрежа под опожарениот мост „Беласица“. Додека скопјани се загрижени дали ќе добијат топли радијатори, на самото место нема никакви активности.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција рече дека Град Скопје нема никакви договори со ЕСМ и повтори дека тоа е нивна надлежност.






– Поставувањето на топловодната мрежа кај мостот „Беласица“ е надлежност на ЕСМ, како и санацијата од горењето на изолацијата од претходната топловодна мрежа што била таму поставена. Од ЕСМ ме информираа дека навреме ќе ги завршат своите обврски за да се почне навреме со грејната сезона – истакна Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа додаде дека за да се постават топловодните цевки, потребна е само мала козметичка корекција.

– Предуслов да може да се постават тие топловодни цевки е местото каде што треба да се постават да биде санирано. Невозможно е да има безбедно поставување доколку тоа што било поставено не е санирано. Тоа е, повторувам уште еднаш, само козметичка корекција којашто мора да се направи, не влијае ниту на безбедноста, ниту на сигурноста на инсталацијата којашто ја имаме таму, ниту на самиот мост – изјави Арсовска.

Таа очекува од ЕСМ навремено започнување на санацијата и завршување на нивните обврски на мостот „Беласица“.

– Вештачењето го имаме и очекуваме, како што ме информираа од ЕСМ, дека истото започнува и дека тие навремено ќе ги завршат своите обврски што се однесува и до санацијата и до поставувањето на топловодната мрежа за да се почне навреме со грејната сезона имајќи ги предвид температурите коишто ги имаме надвор – посочи Арсовска.

На почетокот од овој месец од АД ЕСМ посочија дека почнуваат со подготвителни активности за санација на цевководот на мостот „Беласица“ во Скопје и уверија дека цевководот ќе биде целосно функционален и ќе се обезбеди непрекинато парно греење за граѓаните на Град Скопје.

Согласно законската обврска на 15 октомври, како што велат од компанијата, радијаторите ќе бидат топли, а граѓаните да бидат спокојни, зашто како што информираат, парно ќе има.

„Во текот на изминатите недели, успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови. Бидејќи мостот е под надлежност на Град Скопје, АД ЕСМ е во постојана комуникација со нив и се бара заедничко решение за санирање на овој проблем“, посочија тогаш од АД ЕСМ.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски неодамна изјави дека доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовна катастрофа со топлинската енергија во Скопје, но дека тоа нема да го дозволат и нема да носат одлука за цената, додека не биде поставен топловодот на мостот. Бислимоски истакна дека доколку не се донесе одлука, ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење.

 

Поврзани содржини