БЕСПРАВНО ГРАДЕЊЕ – СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.К.(50) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „бесправно градење“. Пријавениот во текот на оваа година, на катарстарска парцела во охридската населба Велестово, изградил објект за кој, немал одобрение издадено од надлежен орган. На местото, инспекциски надзор извршил општински овластен градежен инспектор, по што, било донесено решение за отстранување на градбата.
ЕКСТАЗИ ВО ЏЕБОТ – На 26.11.2020 во 20.30 часот на подрачјето на СВР Куманово од слобода е лишен Ж.Б.(20) бидејќи кај истиот е пронајденo екстази. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
ГРАНАТА ВО КОЧАНИ – На 26.11.2020 во 14.20 часот во Полициската станица Кочани, било пријавено дека на место викано „Горица“ атар на с.Жиганци при изведување градежни работи на пат, била пронајдена граната од Првата светска војна и била подигната од Дирекцијата за заштита и спасување Кочани.
КУЧЕТО КАСА – На 26.11.2020 во 15.40 часот во Полициска станица Чаир, А.Ј.(47) од Скопје пријавила дека на ул.”Марко Крале” била касната од куче скитник.
КРИВИЧНА ЗА ДИЛЕР НА ХЕРОИН – СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.К.(25) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 24.04.2020 при контрола и извршен преглед, на улицата „Марко Нестороски“ во Охрид, полициските службеници кај него пронашле и одзеле хероин.
ЛАЖНИ ДОКУМЕНТИ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Р.Џ.(50) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа” и Т.Р.(37) од с.Горно Татеши,струшко поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама при добивање на кредит или друга погодност“. Првопријавениот вработен во фирма од Охрид, обезбедил лажна јавна исправа-купопродажен договор за патничко моторно возило „мерцедес“ за сопственост на име К.Х., искористувајќи го неговиот статус на повратник и истата ја употребил за отварање постапка за идентификација во Бирото за метрологија–Скопје. Второпријавениот покрај што знаел дека возилото не може да го регистрира, го ангажирал првопријавениот да му ја обезбеди целокупната документација се до регистрација, а потоа истата ја употребил во ОУР-Струга и го регистрирал предметното возило.
ОРУЖЈЕ БЕЗ ДОЗВОЛА – Регионален центар за гранични работи „Југ“ поднесе кривична пријава против Т.Л.(45) од Демир Капија, М.М.(44) од Штип и Г.И.(31) од Штип поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи казниво по чл.396 ст.1 од Кривичниот законик. На 10.09.2020 од полициски службеници од Полициска станица Михајлово при вршење на мотопатролна дејност во реонот на с.Дрен, Демир Капија на место викано „Брана-с.Дрен“ околу 01.00 часот било запрено патничко моторно возило„нисан патхфандер“ со штипски регистарски ознаки управувано од М.М. во кој сопатници биле Г.И. и Т.Л. при што по извршениот преглед во возилото биле пронајдени една ловечка пушка со пет патрони за кои не поседувале дозвола, две подводни пушки, три парчиња експлозив и три електрични каписли, одело за нуркање и други предмети.
НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ – СВР Струмица поднесе четири кривични пријави против Т.А. (51) од с.Борисово – Ново Село, Љ.С. (80) од с.Смолари – Ново Село, Б.В. (60) од Струмица и К.И. (39) од с.Пиперево – Василево, поради постоење основано сомнение за сторени четири кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Во период од 27.09. до 26.10.2020, од страна на полициски службеници, била извршена контрола во домовите на пријавените, но истите не биле затекнати во домовите, со што не постапиле според прописите и издадените решенија за домашна изолација издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
НАПАДНАТ И ОГРАБЕН – На 26.11.2020 околу 18,00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачје на општина Центар во Скопје, од три лица бил физички нападнат С.П.(32) од Скопје и му биле одземени пари. Се преземаат мерки за расчистување на случajот.
(ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 27.11.2020)