ИНТЕРВЈУ Дарко Симуновски: Ако сега вложите 5.000 евра во криптовалути, за 5 години ќе имате над 100.000 евра
Вложете колку што можете да си дозволите, а нема подобро време за вложување од овој момент, затоа што сме на почеток на светска адаптација и примена на криптовалутите. Моментално пазарот е во пад (bear market), а тоа е причина повеќе за да почнете со инвестиции што ќе ви помогнат да се борите со инфлацијата, раскажува Дарко Симуновски, сертифициран познавач на криптовалутите.
Речиси секојдневно слушаме за вртоглавиот раст, но и пад на вредноста на одредени криптовалути, како многумина се збогатиле со вложувањето во овие дигитални пари, но и за оние кои постојано „рударат“.
Токму за оваа тема поразговаравме со Дарко Симуновски кој е сертифициран познавач на криптовалутите, а тој за Плусинфо ги откри сите пикантерии поврзани со дигиталните валути.
– Криптовалута е дигитална или виртуелна валута што е обезбедена со криптографија, што го прави скоро невозможно фалсификување или двојното трошење. Тие се засновани на децентрализирани мрежи блокчејн технологија – дистрибуирана книга (ledger) спроведена од различна мрежа на компјутери. Важна карактеристика на криптовалутите е дека тие генерално не се издадени од ниту еден централен орган, што ги прави теоретски имуни на владино мешање или манипулација, а служат како платежно средство замена за фиат валути. Криптовалутите се дефлациони затоа што имаат ограничена количина и служат како фонд против инфлацијата што е неизбежна во светската економија. Постојат повеќе од 9.000 криптовалути – ни објасни Симуновски.
Овој крипто-трговец вели дека вредноста се одредува од главните параметри како што е залихата на криптовалутата, односно колку инвеститори вложуваат и веруваат во дадената криптовалута.
– Биткоин е секако лидер со повеќе од 40 отсто од вкупната пазарна капитализација на криптовалутите (денешна вредност над 1.5 трилиони долари) како првата крипто паричка. Етериум е блокчејн платформа со своја криптовалута, наречена Ether (ETH) или Ethereum со свој програмски јазик. Врз основа на Етериум блокчејн секојдневно има нови платформи како децентрализирани финансии, децентрализирани апликации и е фундаменд за развојот на Web3. Електронска трговија и интернет на нештата (IOT). Исто така би ги издвоил Chainlink (link), Polkadot (dot), Binance coin (bnb), Cardano (ada), Solana (sol), Vechain (vet), Aave, Miota, Compound (comp), 1inch, Kusama (ksm) и многу други со силен потенцијал за раст како што адаптацијата и примената ќе се шири глобално – вели Симуновски објаснувајќи ги некои од највредните дигитални валути во моментов.
Според него, околу 2 отсто од светската популација поседува криптовалути. Кај нас во Македонија е помал процент и тој смета дека има околу 25.000 корисници на криптовалути.
– Поголемиот дел од луѓе што инвестирале не се добро запознаени со крипто-светот, односно малку информирани за криптовалутите и проектите врз кои тие се базираат. Токму затоа прават грешки како Dogecoin, Shiba inu и некои сл. meme coins (меме паричка) кои немаат никаква примена, односно вредност – истакнува младиот кичевчанец.
И Македонците полека но сигурно започнуваат да инвестираат во криптовалутите, но има и такви кои сакаат финансиски да влезат на овој пазар, па Симуновски им порачува:
– Пред да се направи каква било инвестиција, треба да се разбере и проучи во што вложувате, ако немате време за тоа, тогаш консултирајте се со поискусни крипто-трговци. Јас лично правам приватни консултации на луѓе и фирми за правење на портфолио (збир на повеќе криптовалути). Вложете колку што можете да си дозволите, а нема подобро време за вложување од овој момент, затоа што сме на почеток на светска адаптација и примена на криптовалутите. Моментално пазарот е во пад (bear market), а тоа е причина повеќе за да почнете со инвестиции што ќе ви помогнат да се борите со инфлацијата. Ако би вложиле денес 5.000 сигурно дека може да стигнете до 100.000 евра и повеќе за 5 до 10 години, а параметрите до сега тоа го покажуваат.
Криптовалутите може да се менуваат и купуваат во т.н. крипто-менувачници, а Симуновски за почетниците ги препорачува Binance, Coinbase, Kucoin, Gate.io, Huobi, Cex, Coinmama, Kraken, Hotbit и други, додека за поискусните Balancer, Uniswap, Pancakeswap, 1inch, Aave, Maker, Compound и други.
– Како што одминува времето сè повеќе се користат како платежно средство за чекирање летови и хотели Travala или надополнување на кредит на телефон DENT или едноставно можете да ги конвертирате во фиат валути да легнат на вашата сметка или да користите Виза крипто карта и да вадите пари од кој било ATM во светот – вели овој крипто-трговец.
Тој за Плусинфо открива дека блокчејнот или блок-синџирот е несомнено иднината, а во наредните години ќе видиме масовно имплементирање, поради повеќе фактори, почнувајќи од прекугранични плаќања, традиционално, преносот на вредноста беше скап и бавен, а особено за плаќањата што се вршат преку меѓународните граници. Една од причините за ова е што, кога се вклучени повеќе валути, процесот на трансфер обично бара учество на повеќе банки на повеќе локации пред наменетиот примател навистина да ги прими своите пари.
– Блок-синџирот технологијата има апликации во многу индустрии. Веќе се користи за олеснување на управувањето со идентитетот, паметни договори, анализа на синџирот на снабдување и многу повеќе. За многу деловни активности низ различни индустрии, клучот за успехот е добро функционирачки, ефикасен синџир на снабдување. Технологијата на блокчејн веќе се користи во повеќе индустрии како средство за чување, дистрибуција, снабдување и обезбедување на податоци и ефикасност. Ова може да ја елиминира човечката работа и потенцијалот за грешка од сложениот и клучен процес. Фирмите би биле далеку поефикасни а јавните институции многу побрзи и транспарентни – вели Симуновски.
Според него, ако Македонија изигра паметно, навреме да ги регулира и да прифати криптовалутите и го имплементира (blockchain) блокчејнот во секојдневна употреба, тогаш би се сменил цел економски и политички поредок што го знаеме.
– Дигитализација на денарот заедно со новите економски и технолошки појави е неопходно. Едноставно кажано, сите ќе бидат побогати (луѓе, фирми и јавни институции) и ќе се воспостави вербата во јавни институции, политички избори. Би имало поголема ликвидност на денарот, пораст на БДП, куповната моќ на граѓаните и фирмите ќе бидат неспоредливо поголеми односно ќе се забележи раст во стандардот во Македонија. Им препорачувам на властите сериозно да се заинтересираат за имплементација на криптовалутите и блокчејнот ако навистина и посакуваат добро на Македонија – препорачува Симуновски.
Тој открива дека поседува над 100-тина криптовалути кои ги тргува на 7 различни cex менувачници и на повеќе dex менувачници. Младиот Дарко своето познавање за економијата го добил од неговиот татко кој бил шеф на финансии во ТЕЦ Осломеј.
Во светот на финансиите влегува во 2003 година кога на 19-годишна возраст на македонската берза ги поседува првите акции, а од 2009 година започнал со тргување на акции на светските берзи.
– Имам неколку сертификати за економија и два сертификата за криптовалути CCE CCT. Преку blockchain-concil.org од 2019 но неопходно е претходно основно знаење за криптовалути. Јас учам секој ден за криптовалутите, тоа е цела наука, наскоро очекувам да биде имплементирано и во генералното образование ширум светот – ни кажа Симуновски.
Првата негова инвестиција во криптовалути била во 2017 година кога купил Етериум (170 долари тогаш) можел многу порано, но во тоа време не верувал во криптовалутите затоа што не бил доволно едуциран.
– Chainlink беше помалку од 3 долари, Maker mkr (450 долари тогаш) Polygon само за цент и пол, Cardano 6 центи и други. Сега во ситуација каде маркетот е паднат, имам преку 850% заработка за година и пол. Ако се навратам поназад заработката е многу поголема – завршува Симуновски.