СИ ЏИНПИНГ СИ ПОСТАВИЛ РОК ЗА MOЖЕН НАПАД НА ТАЈВАН? Американски министер предупреди дека времето истекува

Кина остро реагираше на наводите на американскиот министер за одбрана кој вели дека Џинпинг ѝ дал рок на армијата да биде спремна за напад на Тајван доо 2027 година. Според Пекинг, САД се главниот извор на нестабилност во регионот.

571

Кинескиот претседател Си Џинпинг поставил рок до 2027 година армијата да биде подготвена за инвазија врз Тајван, предупреди американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на безбедносната конференција во Сингапур, пишува Би-Би-Си.

– Кина секојдневно гради и тренира војска подготвена за војна. Да бидам јасен – секој обид на комунистичка Кина да го освои Тајван со сила ќе има разорни последици за регионот и светот – изјави Хегсет.






Тој потенцираше дека САД нема да дозволат да бидат истиснати од Азија, ниту пак да дозволат нивните сојузници да бидат заплашени. Американскиот министер ги повика земјите од Азија да ги зголемат своите одбранбени буџети и да градат цврста соработка со Вашингтон за спречување на конфликт.

Кина остро реагираше на изјавите, обвинувајќи ги САД дека се „главниот извор на нестабилност“ во регионот. Во објава на амбасадата на Кина во Сингапур, се вели дека Хегсет повторно ја „клеветел и напаѓал Кина“ и дека говорот бил исполнет со „провокации“. Пекинг ги обвини САД за милитаризација на Јужното Кинеско Море и за воздушно извидување на кинески територии.

Во исто време, Кина драстично ја намали својата дипломатска присутност на дијалогот „Шангри-Ла“, што традиционално претставува платформа за дијалог помеѓу САД и Кина. Наместо висока делегација, Кина испрати делегација од пониско ниво и го откажа својот планиран говор, без објаснување.

Хегсет истакна дека САД не бараат конфликт, ниту смена на кинескиот режим, но мора да обезбедат дека Пекинг нема да доминира со нив или нивните партнери.

– Не сакаме да го опколиме или провоцираме Кина, но нема да дозволиме таа да диктира во регионот – рече Хегсет.

Тој предупреди и дека економските врски со Кина може да се претворат во средство за политички притисок врз земјите во регионот.

Министерот за одбрана на САД ја повика Азија да инвестира повеќе во одбраната, посочувајќи ја Европа како пример за тоа како силен одбранбен капацитет може да делува одвраќачки.

На истата конференција, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа мора да биде сојузник и на азиските земји. Американската страна возврати дека би сакала поголем дел од европските инвестиции да останат во Европа, со цел САД да ја искористат својата „компаративна предност“ во Индо-Пацификот.

 

Поврзани содржини