Шврговски: Нема докази, само голи претпоставки дека Мијалков ги поттикнал „алфите“ на тортура против Бошкоски
Одбраната изрази сомнеж во кредибилноста на доказите на обвинителот и рече дека неговиот клиент во разговорите водени во прибавената аудио снимка искажува сатисфикцаија дека е фатен поранешен министер и лидер на политичка партија во извршување кривично дело, а не дека Мијалков изразува триумфализам како што сака да прикаже обвинителот.
Љупчо Шврговски, бранител на обвинетите во случајот ,,Тортура”, каде обвинет е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков во завршните зборови денеска истакна дека обвинението е неосновано и се темели на голи претпоставки и нема докази дека Мијалков на било кој начин поттикнал да се изврши кривичното дело кое му се става на товар при апсењето на Љубе Бошкоски.
– Обвинението е гола формулација, непоткрепена со докази. Обвинителот не само што не презентираше доказ, туку нема наведено ниту еден факт дека Мијалков ги поттикнал другите да го извршат кривичното дело. Обвинетите кога беа прашани дали имале телефонски контакт или дали го познавале обвинетиот, тие беа децидни, дека ниту го познаваат, ниту пак зборувале телефонски. Ако имаше контакт, тоа ќе го имаше во листите на телефонски повици, но тоа го нема како доказ и тоа се само голи претпоставки – рече адвокатот Шврговски.
Јавниот обвинителот Љубомир Лапе побара затворски казни за обвинетиот Мијалков и шесте припадници на единицата „Алфа“, кои се товарат дека во 2011 година на нечовечки, сурово и понижувачки начин го привеле Лубе Бошкоски.
– Аудио снимките на кои се повикува јавниот обвинител не заслужуваат коментар. Бошковски е фатен на дело во извршуање на кривичното дело во кое прво зел 10.000 евра, потоа 20.000 евра и на крај 100.000 евра. Не трае повеќе од една минута лежењето на Бошковски на земја, а не како што се наведува во аудио снимките дека лежел половина час – рече Шврговски.
Тој изрази сомнеж во кредибилноста на доказите на обвинителот и рече дека неговиот клиент во разговорите водени во прибавената аудио снимка искажува сатисфикцаија дека е фатен поранешен министер и лидер на политичка партија во извршување кривично дело, а не дека Мијалков изразува триумфализам како што сака да прикаже обвинителот.
Според одбраната, обвинителот неосновано сака да прикаже дека при апсењето на Бошкоски имало бруталност и дека еден од обвинетите припадници на алфите му ја шутира едната нога на уапсениот, без да се постави прашањето зошто тој се наоѓа во лежечка положба и без да се земе предид дека тоа е така оти Љубе пружал отпор.
– Бошкоски реагира и дава активен отпор во текот на апсењето, па затоа и алфите го лепат за возилото. Тие не можат да го контролираат и во стоечка позиција без да му предизвикаат повреда, мора да го легнат и да го врзат со лисици – вели Шврговски.
Тој ги анализираше и вештачењата на лекарите дека Бошкоски имал пострауматско растројство и депресија наведувајќи дека се неосновани таквите тврдења затоа што тоа не кореспондира со извештаите на вештите лица од неговите прегледи.
Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата „Алфи“, Ивица Антевски Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Овој судски процес го води судијката Александра Ристеска.