ШТО ЌЕ СЕ ГРАДИ ДО ПОРАНЕШНА „НОВА МАКЕДОНИЈА“? Одлуката е во рацете на советниците на Општина Центар
Пред денешната седница на Советот на Општина Центар, дел од политичките субјекти и граѓански активисти јавно ги изнесоа своите ставови и забелешки.
Советниците на Општина Центар денеска треба да гласаат за Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај поранешната печатница „Нова Македонија“, прашање кое во изминатиот период предизвика засилен јавен интерес и различни реакции.
Станува збор за планско решение донесено во 2012 година, кое се однесува на можна изградба на висококатница на оваа атрактивна локација во центарот. Пред денешната седница, дел од политичките субјекти и граѓански активисти јавно ги изнесоа своите ставови и забелешки.
Според објавените анализи на плановите, предвидената површина за градба изнесува околу 105.000 квадратни метри на основа од 5.200 квадратни метри. Согласно правилникот за урбанистичко планирање, за таква деловна намена би биле потребни околу 1.750 паркинг-места, што значи дека би имало потреба од повеќекатна подземна гаража.
Во меѓувреме, граѓанската активистка Жанета Трајкоска преку социјалните мрежи упати апел до советниците и градоначалникот Горан Герасимовски, кои денеска треба да се изјаснат по планот. Таа повика одлуката да се носи внимателно, имајќи ги предвид, како што наведе, можните последици врз урбаното функционирање на овој дел од градот.
Официјална одлука сè уште не е донесена, а конечниот исход ќе зависи од гласањето на Советот на Општина Центар на денешната седница.