„ШТО ЌЕ МУ Е ЗАЈАС АКО НАРОДОТ МУ Е ГЛАДЕН“ Мицкоски жесток кон Ахмети и побара обединување во Кичево за Јовановски

Мицкоски во Кичево порача дека Александар Јовановски е кандидатот што ќе ги обедини сите граѓани и ќе донесе промени, без поделби и празни ветувања.

902

На денешниот народен митинг во Кичево, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, ја изрази својата целосна поддршка за кандидатот за градоначалник Александар, нагласувајќи дека тој е најдобриот избор за сите кичевчани, без разлика на нивната политичка, етничка или верска припадност.

– Кога одлучувавме кој да ја добие поддршката за кандидат за градоначалник на Кичево, не размислував кој ќе биде најдобар за ВМРО-ДПМНЕ, туку кој ќе биде најдобар за кичевчани – истакна Мицкоски пред насобраниот народ.






Тој порача дека Александар има визија и програма која ги обединува сите граѓани – Македонци, Албанци, Турци, Роми и сите кои живеат во Кичево.

– Најважниот проект не е само инфраструктурата, туку заедништвото и обединувањето на Кичево – додаде тој.

Мицкоски потенцираше дека предстоечките локални избори се од клучно значење за иднината на градот и повика на единство и масовно излегување на гласање.

– Ова е неповторлива можност да покажеме што навистина му треба на Кичево. Да се обединиме сите, без разлика на партија или вера, и на 19 октомври да го заокружиме бројот 9 за Александар“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето обраќање, Мицкоски остро ја критикуваше опозициската ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети, обвинувајќи ги за богатење на сметка на народот.

– Што ќе му е Зајас на Али ако е празен? Нема радост ниту во дворците, ако народот околу тебе е гладен и раселен – рече Мицкоски.

Тој додаде дека 20 години владеење донеле сиромаштија и иселување, а Александар нуди проекти за сите заедници во градот, без поделби и привилегирани групи.

– На нечесноста од ДУИ ќе одговориме сложно, сите кичевчани. Ако и некој од нашите погреши, исто ќе ве повикам да се обединиме против тоа – порача Мицкоски.

Тој заклучи дека времето на поделби мора да заврши и дека само преку работа, одговорност и заедништво може да се постигне вистинска промена.

– Мора резултати, мора дела, мора заедништво. Само така победата е можна и блиску – заврши тој.

Поврзани содржини