ШТО АКО НИЕ ГИ ВМЕТНЕМЕ БУГАРИТЕ, А БУГАРИТЕ НЕ ГИ ВМЕТНАТ МАКЕДОНЦИТЕ ВО УСТАВОТ? Македонија ќе се претвори во поле за натпревар помеѓу пропагандите

Не гледам ништо страшно во тоа Бугарите да влезат во Уставот на Македонија како малцинство кое живее во земјава. Ако тоа некој го наумил, тоа само покажува дека сме различни народи, истакна новиот член на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров.

2,016

Не ми изгледа толку страшно Бугарите да влезат во македонскиот Устав како малцинство во Македонија, бидејќи самото тоа покажува дека сме два различни народа. Ова синоќа го изјави новиот член на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров, коментирајќи го билатералниот спор што го водат Скопје и Софија.

Тој вели дека не можеме да ги бришеме историските факти и да замижуваме пред вистината.






– Една моќна и супериорна Германија не бараше да се ревидира историјата. Јас сум против ревидирање на ноторни историски факти, неспорен е македонскиот јазик. Околу другите работи, искрено, не гледам ништо страшно во тоа Бугарита да влезат во Уставот на Македонија како малцинство кое живее во земјава. Ако тоа некој го наумил, тоа само покажува дека сме различни народи. Таа работа треба да им се остави на дипломатите. Не ни треба Европската Унија по секоја цена – рече Петров.

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во изјава за Плусинфо вели дека евентуалното вметнување на Бугарите во Уставот ќе ја претвори Македонија во територија на којашто ќе се натпреваруваат пропагандите како во 19 век.

Имајќи ја предвид структурата на државава според Рамковниот договор, секое отворање на Уставот и секое додавање нов народ во Уставот, само ќе ја претвори Македонија во територија каде што ќе се натпреваруваат пропагандите како во 19 век.

Антонио Милошоски Пратеник, ВМРО-ДПМНЕ

– Во јули 2017 година, кога се потпишуваше Договорот за добрососедство со Бугарија, ние предупредувавме дека договорот е избрзана дипломатска авантура на премиерот Зоран Заев и дека таквиот договор ќе создава повеќе проблеми отколку решенија. И тогаш една од забелешките ни беше дека во овој Договор за добрососедство требаше на јасен начин да биде напишано дека договорот ќе служи за добрососедски односи помеѓу двете земји, но и за спријателување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Доколку тоа беше напишано во договорот, сега немаше да имаме вакви асиметрични проблеми во коишто едната страна бара, настојува и добива, а другата страна отстапува и коленичи – објаснува Милошоски.

Тој вели дека со евентуалното отворање на македонскиот Устав, без да се отвори и бугарскиот, само ќе ни се наталожат нови проблеми.

– Имајќи ја предвид структурата на државава според Рамковниот договор, секое отворање на Уставот и секое додавање нов народ во Уставот, само ќе ја претвори Македонија во територија каде што ќе се натпреваруваат пропагандите како во 19 век. Како прво, било која влада со слабо и тенко мнозинство не може да одлучува за такво прашање, а особено тоа важи за новата влада во најава, бидејќи нема да има легитимитет – истакна Милошоски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инсистира на реципроцитет кога станува збор за вметнувањето на малцинствата во Уставот.

– Да се отворел македонскиот Устав и да се додадело „едно мало зборче Бугари“. Па едно мало зборче „Македонци“ нека додадат и тие во бугарскиот Устав. Бугарија е членка на ЕУ и треба да ги споделува европските вредности кога станува збор за Македонците во рамки на нејзините граници. Зошто не применат една од резолуциите за човекови права од Стразбур? Една, еве една мала резолуција. Нека биде и најмалата, ама нека ја изберат. Нека ги регистрираат друштвата на Македонците во Бугарија. Нè гледаат со потценување, затоа што настапот ни е со потценување. Одиме таму и коленичиме. Преговараат за мојот идентитет – истакна Мицкоски.

Копретседателот на ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната политичка партија на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков, смета дека воопшто не е случајно последното барање на Софија за тоа Бугарите да влезат во мекедонскиот Устав, бидејќи, како што вели, сите претходни бугарски барања во однос на историјата и јазикот наидоа на лош прием кај меѓународната заедница.

– Во извештаите за човековите права на меѓународните организации изработени во последните две децении никаде не се спомнува проблемот на Бугарите во Македонија. Никаде. Но затоа, во сите тие извештаи се нотирани сериозните проблеми што ги има македонското малцинство во Бугарија. Сè што бара Бугарија, всушност, индиректно е насочено против македонското малцинство во Пиринска Македонија. Очигледно е дека македонското малцинство многу ѝ пречи на бугарската национална елита. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав нема да значи крај на оспорувањето на Македонија од страна на Бугарија – вели Стојков.

И првиот човек на Здружението македонско-бугарско пријателство, Добре Митрев, во своето гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, се согласува дека измените во македонскиот Устав нема да ги натера Бугарите да ја закопаат секирата.

– Не мислам дека со вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе се реши прашањето на односите помеѓу Скопје и Софија. Начинот на размислување во Македонија во однос на Бугарија е погрешен. Можеби тоа е резултат од минатото време кога ние бевме дел од Југославија, а Бугарија му припаѓаше на источниот блок, па затоа постои некаква дискриминација. На пример, во источниот блок припаѓаа и Чешка, Полска и Романија, но за нив не постои никаква дискриминација. Затоа сметам дека пристапот е погрешен. Мислам дека Македонија се чувствува едно ниво над Бугарија – изјави Митрев.

Од друга страна, пак, бугарскиот професор Ивајло Дичев во неговата последна колумна за „Дојче веле“ посветена на билатералниот спор помеѓу Скопје и Софија, пишува дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е клучот за повлекување на ветото.

Ивајло Дичев, бугарски професор: Сосема дрско од наша страна е да инсистираме некој да внесе малцинства во Уставот, ако ние самите не ги признаваме Турците како малцинство, а кои бројат околу 8 отсто од вкупното население во Бугарија.

„Според моите согледувања, тука лежи клучот за повлекување на ветото. Нашите владетели ќе можат да се вратат со трофеј и да слават. Пред 20 години таму имало 1.400 Бугари, а сега слушам дека се зборува за околу 3.000 Бугари, што е трипати помалку од Власите. Но, се разбира, нема никакви пречки тие да бидат прогласени за малцинство во Уставот во делот пред зборовите ’и други‘ малцинства. Да додадам дека е сосема дрско од наша страна да инсистираме некој да внесе малцинства во Уставот, ако ние самите не ги признаваме Турците како малцинство, а кои бројат околу 8 отсто од вкупното население во Бугарија. И дали сме подготвени на реципрочна основа да го признаеме македонското малцинство кај нас? Одоговорот е официјален и дефинитивно – не“, пишува Дичев.

Со свој коментар на темата дали да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав се вклучи и експремиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој рече дека нивниот западен сосед мора да го направи тој чекор ако сака да прочекори на европскиот пат.

– Ние им кажавме на нашите соседи дека постојат две-три теми за решавање, а тоа се малцинствата, промената на Уставот и изјаснувањето за историјата. Кога ќе ги решите, тогаш ќе продолжите напред. Го поддржувам премиерот Кирил Петков за да го реши спорот со Македонија, но мора да се направат некои отстапки. И Бугарија е направи отстапки за да се тргне ветото. Ние на никаков начин не ги запираме, но како да им кажеме „повелете во ЕУ“, а потоа да ја наполниме Унијата со проблеми за коишто не се разбираме. Затоа ги забавивме. Еве, сега сме подготвени, тие нека направат отстапки, нашата влада да направи отстапки, да поминат во Собранието, и ќе ги поддржиме – рече Борисов.

Поврзани содржини