„ШТЕТАТА ЌЕ ЈА НАПЛАТИМЕ ПРЕКУ ЦАРИНИ“ Трамп ја обвини Канада за чадот од шумските пожари:
Американскиот претседател најави разговор со канадскиот премиер Марк Карни и порача дека загадувањето од шумските пожари треба да има последици и во трговските односи.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Канада дека неадекватно управува со шумите, поради што чадот од шумските пожари го загадува воздухот во делови од САД.
Трамп најави дека ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни и порача дека економската штета што, според него, ја трпат САД треба да биде земена предвид во царините што Канада ги плаќа во трговијата со американската држава.
– Ја сметаме Канада за одговорна за неадекватното одржување на нејзините шуми и грмушки, поради што загадениот и нездрав воздух, чиј квалитет е опасен и целосно неприфатлив, без никаква потреба навлегува во САД – рече Трамп.
Американскиот претседател не прецизираше какви конкретни мерки би можеле да бидат преземени, но повтори дека трошоците од загадувањето „без одложување мора да бидат вклучени во царините“ што ги плаќа Канада.