МАКЕДОНИЈА ПОД ЖЕЖОК БРАН Температурите ќе се искачат до 39 степени, а потоа следува пресврт

УХМР најавува температури до 39, локално и до 40 степени, а од вторник следува дестабилизација на времето со дожд, грмежи и пад на температурите.

2

Жешкото летно време продолжува и денеска. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност.

Во попладневните часови на одделни места ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи, а ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.






Утринските температури ќе се движат од 13 до 22 степени, додека дневните ќе достигнат од 33 до 39 степени.

Во Скопје ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, а во попладневните часови во делови од котлината се можни краткотрајни поројни врнежи проследени со грмежи. Температурата ќе се движи од 20 до 38 степени.

Според прогнозата на УХМР, во следните два дена ќе продолжи периодот на сончево и многу топло време, со мала до умерена облачност. На поединечни места дневната температура ќе достигне и 40 степени, а попладне повторно ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.

Промена на времето се очекува во вторник, кога на повеќе места ќе има нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во среда ќе дува засилен северен ветер, а температурите ќе се намалат за неколку степени.

Поврзани содржини