ШТЕКЛИ Е ШИЗОФРЕНИК И ХАЛУЦИНИРА?! Така тврди неговиот вештак психијатар

Двајца психијатри дале различна дијагноза за обвинетиот Раде Трајковски. На следното рочиште вештаците треба да ги објаснат своите дијагнози пред Судот.

2,250

Судијата Илија Трпков денеска повторно го одложи судењето против Раде Трајковски Штекли, бидејќи двајца психијатри дале различна дијагноза за обвинетиот. На следното рочиште закажано за 3 септември вештаците треба да ги објаснат своите дијагнози пред Судот. Потоа Судот ќе одлучи на кое вештачење ќе му поклони верба или ќе нареди ново психијатриско вештачење доколку се утврди потреба.

Вештакот ангажиран од одбраната заклучил дека Трајковски не може да се застапува на суд и дека треба да оди на лечење на Клиниката за психијатрија.






„Од пред три години Трајковски има свој имагинарен учител кој го подучува на патот на вечниот живот, има бизарни идеи кои го преокупираат. Дома поставил камера бидејќи го преокупираат мисли дека албанската мафија се здружила против него. Има халуцинации, нарушено доживување на телото и на органите, шизофренија како психотично растројство“, напишал психијатарот Ѓорге Хаџи Ангеловски, кој бил ангажиран од одбраната на Штекли, пренесе Вечер прес.

Спротивно на неговото вештачење, тврди психијатарката Оливера Суботин Поповска од Психијатриската болница во Бардовци, која била ангажирана како вештак од страна на Јавното обвинителство.

Таа заклучила дека обвинетиот Трајковски може да го следи судењето, дека расудува и дека е пресметлив.

Скопјанецот Раде Трајковски Штекли, кој преживеа три напади, е обвинет за трговија со дрога. Тој денеска се појави на судењето во Кривичниот суд иако на минатото рочиште неговата одбрана достави вештачење дека не е психички способен да го следи судскиот процес против него.

На денешното рочиште четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Почетокот на судењето во јули се одложи бидејќи Судот бил известен дека Штекли бил неконтактибилен и дезориентиран и бил пренесен во Клиничкиот центар поради епилептични напади.

Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против 10 лица за продажба на дрога, главно во скопската населба Аеродром.

Истрагата траеше речиси една година и вклучуваше посебни истражни мерки. Првично беа опфатени 16 лица, но 7 од нив склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 години до 3 години и 6 месеци.

Како што соопштија од Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно поделени улоги од набавка до продажба на кокаин и на марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуницирале преку апликацијата Снепчет, а клучни докази биле добиени преку „селебрити“ – систем за анализа на телефони, донација од САД.

ШТЕКЛИ СИ ОБЕЗБЕДИЛ ВЕШТАЧЕЊЕ ДЕКА Е НЕСПОСОБЕН ДА ГО СЛЕДИ СУДЕЊЕТО Јавното обвинителство ќе бара ново вештачење, процесот ќе почне на 7 август

 

Поврзани содржини