Сенатот на Шпанија денеска на пленарна седница го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Гласањето беше без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот во земјата.
– Со нула гласови „против“ шпанскиот Сенат го ратификува Протоколот. Во име на Владата и сите македонски граѓани изразувам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, до министерката за надворешни работи што ова прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија – истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката-прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.
Димитров потсети дека Шпанија е 29. и последна земја-членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот.
– Таа сега ќе го депонира инструментот на ратификација во Стејт департментот, Вашингтон ќе ја испрати информација до НАТО во Брисел и ние и официјално ќе бидеме поканети да го депонираме нашиот инструмент, односно законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој беше усвоен во Собранието – рече Димитров.
Тој нагласи дека завршуваме со тридеценискиот процес за влез во северноатлантското семејство.
Седницата се одржа со видеолинк, а сенаторите гласаа без физички да бидат присутни во Сенатот, поради состојбата со коронавирусот, со оглед на тоа што Шпанија е во категоријата на високоризични држави. На седницата физички присуствуваше претседателот на Сенатот Пилар Лоп и уште неколкумина.
По ратификацијата во Парламентот во Мадрид се очекува само уште потпис од шпанскиот крал. Протоколот, на 27 февруари доби зелено светло од Долниот дом на шпанскиот Парламент.