ШЛАКАНИЦИ, ЧЕВЛИ, ЈАЈЦА Макрон не е единствен, ова се петте најпознати судири на политичари со гневни луѓе (ВИДЕО)

„Политико“ состави листа од најпознатите напади врз политичари, а тука има разни удари, навреди, фрлање со чевли, фрлање со јајца...

478

Францускиот претседател Емануел Макрон не е единствениот политичар во светот кој бил физички нападнат во јавноста. Момчето кое му „залепи“ шлаканица вчера го осудија на 4 месеци затвор, а гневноста на луѓето многу добро ја почувствувале и многу други колеги на Макрон.

„Политико“ состави листа од најпознатите напади врз политичари, а тука има разни удари, навреди, фрлање со чевли, фрлање со јајца…






Никола Саркози

Поранешниот француски претседател не се повлекол од жестоката расправија на саемот за земјоделство во Париз во 2008-ма година.

Саркози минувал низ луѓето, а во еден момент ја допрел раката на еден маж за да мине покрај него.

„Не ме допирај. Ме валкаш”, му рекол мажот. Саркози не му останал должен: „Губи се, идиоту”.

 

Џон Прескот

Лабуристот Џон Прескот патувал низ Британија во 2001 година пред изборите. Прескот и неговиот тим излегле од автобус покрај театарот каде што требало да одат, несвесни дека краткото патување преку улицата ќе остане историски запаметено како „метежот во Рил”.

Прескот од двете страни го обиколиле луѓе кои сакале да го видат, додека од позадина се слушнале повици на противниците. Еден маж почекал Прескот да му се доближи доволно блиску за да го погоди со јајце. Покажувајќи до тогаш невидени рефлекси, Прескот го удрил човекот, на кој подоцна му „скокнале” членови на неговото обезбедување.

 

Хелмут Кол

Германскиот канцелар Хелмут Кол исто така добил јајце во лице.

При посетата на поранешниот источногермански град Хале, канцеларот кој го надгледувал обединувањето на Германија, масата најпрво го нарекла лажго, за потоа да го гаѓа со јајца. На снимката се гледа канцеларот како се обидува да дојде до масата во обид да се соочи со напаѓачите.

 

Џорџ Буш

Шест години по одлуката да изврши инвазија на Ирак, американскиот претседател Џорџ Буш во 2008 година го посетил Багдад каде со ирачкиот премиер Нури ал Малики одржал прес-конференција.

Говорот на Буш го прекинал новинарот Мунтадар ал Заиди, кој го гаѓал со чевел. Ударот со чевел бил проследен со повик на арапски: „Ова ти е проштален бакнеж, куче едно” и потоа „Ова е за вдовиците и сирачињата на оние кои ги убивте во Ирак”.

И новинарот и неговите чевли станале култни во земјата.

 

Мануел Вал

Шлаканиците не се резервирани само за претседатели, а тоа во 2017 година го докажал и поранешниот француски премиер Мануел Вал при кампањата во Бретања. Вал добил шлаканица која не била ни приближно силна како таа што ја добил Макрон.

Вал го тужел напаѓачот, 18-годишен десничар, за да му докаже дека насилството е неприфатливо. Вал подоцна на изборите изгубил од Макрон, но одлуката да го казни момчето му донела политички поени.

По инцидентот, момчето кое го нападнало Вал рекло дека размислува да се кандидира за претседател.

Поврзани содржини