Северномакедонци? Нема таков народ!
Колку што сум убеден дека ние Македонците сепак не сме луѓе со толку ниско ниво на самопочит за да прифатиме една ваква лудост и да почнеме да се нарекуваме „северномакедонци“, толку сум внимателен и предупредувам – во историјата исчезнувале и други народи и јазици, нема ние да бидеме првите. Затоа, да не се будалиме. Да си останеме свои на своето. Малку гордост и здрав патриотизам не ќе е отповеќе...
Можам да не им се налутам на добронамерните странци, на кои, поради незнаење или поради невнимателност, можe да им се случи да ги наречат граѓаните на нашата земја „северномакедонци“. Како што му се случи на нашиот американски пријател Габриел Ескобар, на пример. Ништо страшно. Треба да бидеме толерантни, но и да му укажеме на човекот дека згрешил. Јас верувам дека и тој би сакал да ја слушне нашата исправка.
Патем речено, проблем предизвикуваат и лингвистичките правила во некои јазици. Во германскиот јазик, на пример, се спомнуваат термините Nordmazedonien, Nordmazedoniens, Nordmazedonisch. Незгодно. Но, Германците држат до особеностите на својот јазик. Ние не. Спротивно на правилата на синтаксата на македонскиот јазик, според кои именката е центар на именската фраза, државата одлучи новото службено име Република Северна Македонија да го скрати со фразата Северна Македонија, наместо со именката Македонија.
За жал, има и две групи луѓе од Македонија, две групи Македонци поточно, кои се обидуваат да ни ја наметнат употребата на кованицата „северномакедонци“, како именка за граѓаните (државјаните) на нашата земја. Има обид да се одомаќини придавката „северномакедонски“, како атрибут за јазикот, но и за други именки.
Кои се тие луѓе и која е нивната цел?
Првата група се апологетите на разбирањето на „духот“ на Преспанскиот договор што се обиде да го наметне поранешниот премиер Зоран Заев. Втората група се противниците на овој договор, кои сметаат дека со преименувањето на нашата држава од Република Македонија во Република Северна Македонија бил сменет и идентитетот на Македонците, па затоа, ете, некои со право сега нас нѐ нарекуваат „северномакедонци“, а нашиот македонски јазик „северномакедонски“. Првите го поддржуваат идентитетскиот инженеринг што се обиде да го наметне Заевата пропаганда, а другите, од позиции на малициозна критика на Преспанскиот договор, секташки ги дисквалификуваат неговите поддржувачи.
Ќе се обидам да докажам зошто и едните и другите не се во право и зошто обидот да се произведе нова, т.н. политичка нација, со името „северномакедонци“ и со соодветната придавка „северномакедонски“, не смее да успее.
Мојата држава и мојата земја – не е тоа исто!
Првиот чекор кон разбирање на нештата е да се потрудиме да направиме разлика меѓу термините нација, народ, националност, етнос, етничка група, етничка заедница, граѓани, државјани итн. Еден дел од овие термини се користат за идентификација на носителот на суверенитетот на една држава. Во поретки случаи, како што е САД, на пример, државата на Ескобар, постои силна идентификација на граѓаните на таа држава со нацијата која е носител на суверенитетот, без разлика на нивното расно и етничко потекло. Па така, кога зборуваме за американската нација, истовремено мислиме и на граѓаните на американската држава и на луѓето кои и национално или етнички се идентификуваат како Американци. Но, во повеќето држави во светот постојат разлики меѓу идентификувањето на граѓаните со државата (оттаму и изразот политичка нација) и идентификувањето со нивниот етнос. Всушност, поголемиот дел од државите во Европа се мултиетнички општества, а во либералните и напредните, мултиетничноста се доживува како богатство, а не како маана што треба да се крие или да се менаџира.
Втората многу важна работа што треба да ја научиме е да правиме разлика меѓу значењата на поимите држава и општество. Па така, кога зборуваме за држава, ние всушност зборуваме за еден систем на државни органи и институции што остварува суверенитет на определена територија, но и за разните официјални (службени) својства на граѓаните на таа држава (државјаните) и на богатите односи меѓу нив и тој сложен систем и апарат. Кога мислиме на општеството, пак, а обично го именуваме со терминот земја, зборуваме за заедница која живее на една територија (која не мора секогаш да се поклопува со државната територија), а во неа луѓето стапуваат во најразлични односи, при што само дел од тие односи се во доменот на државната регулација.
Кога сме веќе кај прашањето на територијата… Постои, на пример, Курдистан, како име на еден демографски и културен регион на Блискиот Исток, населен доминантно со Курди. Затоа и се вика „земја на Курдите“. Но, тие немаат своја држава. Тој регион не е држава. А има повеќе народи кои имаат своја земја, кои живеат во посебни општествени заедници, но сепак немаат свои држави.
Државата носи закони и други прописи, а склучува и меѓудржавни договори (кои, според македонскиот Устав, со чинот на ратификација стануваат составен дел од домашниот правен поредок), во кои ги регулира односите за кои постои широк општествен договор дека се во нејзина надлежност. Во некои случаи, ние граѓаните ѝ дозволуваме на државата да ги ограничи и нашите најосновни човекови права, ако меѓу нас постои договор дека на таков начин таа штити некои повисоки вредности кои ни се важни. Така, на пример, државата во Кривичниот законик пропишува и затворски казни, а државниот апарат го спроведува законот, затоа што сме се договориле дека тоа е најефикасниот начин да се заштитиме од убиства, насилства, кражби и слични зла. Порано, во бившата држава, бевме договорени дека државниот апарат може и да ги убива сторителите на најтешките кривични дела, но потоа се предоговоривме и ја укинавме смртната казна.
Истовремено, регулацијата на еден голем дел од односите меѓу луѓето во општеството не е прерогатив на државата. Постојат етички норми, конвенции, обичаи и слични модели на регулација кои не зависат од државата. Освен тоа, многу односи едноставно се во широкото поле на дерегулацијата. Ниту државата, ниту било кој друг, не смее да одлучи дали јас ќе бидам христијанин, муслиман, атеист или нешто друго. Тоа прашање е во полето на дерегулацијата. Државата само пропишува слобода на вероисповед и обезбедува инструменти за заштита на таа слобода.
Во Преспанскиот договор нема „северномакедонци“!
Едно од тие прашања е етничкиот (националниот) идентитет и правото на самоопределување на граѓаните. Македонската држава по својата конституција е либерална демократија и таа им дозволува на сите граѓани својот етнички идентитет да го определат како што сакаат. Згора на тоа, сите поголеми и помали етнички заедници поименично се наведени како носители на државниот суверенитет. Сега има барање на списокот да влезат Бугарите, во план се Хрватите и Црногорците, а деновиве тоа истото го бараат и Торбешите. Но, тоа веќе е друга тема…
Како и да е, не постои ниту еден меѓудржавен договор или друг правен акт (устав, закон, уредба и слично), кој на Македонците им наложува да се преименуваат според новото официјално (службено) име на државата. Тој што тврди поинаку, молам да го докаже спротивното, ама со тврд аргумент, со прецизен цитат. Толкувања не се признаваат!
Договорни страни во Преспанскиот договор се две држави – македонската и грчката. Првата и втората страна. Договорни страни не се општествата и граѓаните, туку државите. Двете држави се договориле дека постојат две разбирања на поимот Македонија – грчко разбирање според кое тој поим реферира на хеленската традиција, и македонско разбирање, според кое тој поим е поврзан со словеномакедонскиот идентитет на најголемата етничка заедница во земјава. Двете држави се договориле новото официјално име на македонската држава да биде Република Северна Македонија.
Согласно со таа промена, пропишани се и многу обврски за граѓаните на македонската држава, поврзани со нивното својство на нејзини државјани. Така, во сите лични, идентификациски и други документи што ги издаваат државните институции, е наведено новото име на државата. Граѓаните се согласиле со новите државни институции да комуницираат под нивното ново име.
Секој што сака да стане пратеник или министер, на пример, без оглед дали е „антички македонец“ по убедување или „северџан“ како мене (ова пак по убедување на „античкиве“), ќе стане пратеник во Собранието на Република Северна Македонија или министер во Владата на Република Северна Македонија. „Северџанска“ плата ќе зема. Секој што мисли дека во своето својство на граѓанин на оваа држава е различен од мене „северџанот“, нека си ги провери личната карта, пасошот, возачката дозвола, табличката на своето возило и уште многу други документи и ознаки што го носат новото име на македонската држава…
Државните обврски не се и граѓански
Но, да бидеме на чисто – со прифаќањето и со исполнувањето на задолженијата кои произлегуваат од Преспанскиот договор кон нас, граѓаните, во својство на државјани на нашата држава, се исцрпуваат сите наши лични и општествени обврски кон тој договор.
Ние немаме апсолутно никаква пропишана обврска – во овој договор, во некој друг меѓудржавен договор или во било кој друг правен акт на оваа држава! – да ги смениме имињата на нашата нација и на нашиот јазик, согласно со новото име на државата.
И никој не смее да не нарекува „северномакедонци“. Дури ни при обраќањето кон нас како кон граѓани на нашата држава.
Ако некому му е тешко да нѐ нарече Македонци, или ако му е непријатно со таа именка да ги именува и нашите сограѓани кои не се етнички Македонци, нека ни се обрати како на граѓани на нашата држава. Во случајот на нашиот пријател Ескобар, тој така требало да постапи.
Никој не смее на нас, граѓаните, да ни наложи како да ја нарекуваме својата земја. Никој не смее тоа на медиумите да им го наложува (освен на државните медиуми, иако би рекол дека и тоа не би требало да биде дозволено). Едноставно, станува збор за тема за јазични и стилистички правила. Едно од тие правила е употребата на синоними. Па дури и кога ќе ја именуваме нашата влада, која секако е дел од државата, освен со нејзиното официјално име Владата на Република Северна Македонија, можеме да ги употребуваме и следните именски фрази: владата на Македонија, македонската влада, владата на ДУИ и на СДСМ, владата на тој и тој, владата (една влада имаме, нели, немаме две) итн.
Јас би рекол дека дури и премиерот и министрите треба да се охрабрат да прават разлика меѓу именувањето на својата држава и именувањето на својата земја. Глупаво е, на пример, да одиш на натпревар на кој игра македонската фудбалска репрезентација, односно селекцијата на нашата земја, а да не можеш да навиваш и да скандираш „Македонија, Македонија“. Како што е глупаво да зборуваш за минатото на својата земја, а папагалски да зборуваш за „историјата на Република Северна Македонија“, знаејќи дека таа нова држава има историја одвај три години.
Јас би одел и чекор понатаму. И би прашал, врз основа на кој закон или пропис се репресираат луѓето, па и локалните задници, кои јавно изразуваат дека се чувствуваат за потомци на античките Македонци? Државата презела обврска да не се „чувствува“ така, но таква обврска не презеле граѓаните. Тие можат да се чувствуваат како што сакаат и за тоа слободно да говорат, да пишуваат, да творат итн. Како може некој тоа да им го забрани?
Како беше во Југославија…
На сите на кои им изгледа чудно сево ова што го велам, им порачувам – Заевата пропагандата толку ви ги испрала мозоците што или не знаете или не се сеќавате дека никогаш, од основањето на македонската држава во 1945 година, не било поинаку.
Јас имам 60 години. Роден сум како државјанин на СФР Југославија, по националност Македонец. СФРЈ беше федерација во која шест федерални единици имаа изворен суверенитет. Во таа смисла, може да се каже дека истовремено сум бил и државјанин на СР Македонија. Но, републиките дел од својот суверенитет го делегираа во федерацијата. Па така, мојот пасош беше југословенски. Надвор од Македонија, бев Југословен. Официјалниот јазик во ЈНА, кога јас бев војник, беше српско-хрватскиот.
Сепак, никој никогаш во таа држава не го оспорил мојот национален идентитет како Македонец.
Никој не ми рекол дека не смеам да кажам и јавно да се декларирам – мојата земја е Македонија, мојата татковина е Македонија, моите предци се Македонци, моите корени се македонски.
Никој никогаш не го оспорил мојот македонски јазик.
Никој никогаш не се обидел да ми го смени идентитетот. Сега, на оваа возраст, во мојата сопствена земја, прв пат се соочувам со такви обиди и се чувствувам посрамен поради тоа…
Никој не побарал да се изјаснам како Југословен, на пример. Во еден период, имаше обид да се создаде нација на Југословени. Се сеќавам одвај на неколкумина Македонци, главно деца од мешани бракови, кои на еден попис се изјаснија како Југословени. Тогаш тоа беше во мода. Мислам дека сите подоцна пак се изјаснуваа како Македонци. Едноставно, тој проект пропадна, бидејќи државата СФРЈ никогаш не се ни обиде да го наметне со сила или со притисок.
Единствената шанса на глупаците сме ние, Македонците!
Во принцип, со некои исклучоци, нациите (народите) создаваат држави, а не обратно – државите не создаваат нации.
Евреите, на пример, ја создадоа модерната држава Израел, а не обратно, Израел не ги создаде Евреите. Тие се фанатично горди на својата нова држава (нова од 1948 година, да бидам прецизен), секако прифаќаат како граѓани на таа држава да се идентификуваат како Израелци, но никој на тоа не гледа како на замена на идентитетот што се препознава по името Евреи.
Државата Република Северна Македонија нема да создаде нова нација, која ќе биде наречена „северномакедонци“. Евентуално ни некоја нова, т.н. политичка нација, каква што и немаме всушност, нема да може да се нарекува така. Како ќе ги натерате Албанците, на пример, да се идентификуваат како „северномакедонци“? Никако, се разбира, ќе си бидат тоа што се, Албанци, граѓани на оваа држава.
Единствена шанса за глупаците кои го сонуваат сонот за создавање на нова нација „северномакедонци“, со јазик кој ќе се нарекува „северномакедонски“, сме ние, Македонците. Ние некако треба да се убедиме дека тоа би било добро за нас, бидејќи ќе им се допаднело и на Американците и на Европјаните на чело со Бугарите. И после џам ќе сме свиткале…
Полушанса, со спортски речник кажано, е упорното настојување на противниците на Преспанскиот договор да ги изолираат поддржувачите на тој компромис со Грците, нарекувајќи ги „северџани“ и со разни други погрдни имиња и убедувајќи ги дека еднаш веќе се согласиле да им се смени идентитетот. Затоа велам дека тој пристап е секташки и опасен.
Колку што сум убеден дека ние Македонците сепак не сме луѓе со толку ниско ниво на самопочит за да прифатиме една ваква лудост и да почнеме да се нарекуваме „северномакедонци“, толку сум внимателен и предупредувам – во историјата исчезнувале и други народи и јазици, нема ние да бидеме првите.
Затоа, да не се будалиме. Да си останеме свои на своето. Малку гордост и здрав патриотизам не ќе е отповеќе.
Барем во свое лично име, како човек кој никогаш ништо особено нема ќарено на патриотизам, сега сакам да објавам – секој што ќе се обиде да ме преименува во „северномакедонец“, нема да може да смета на мојот глас на било кои наредни избори, ниту на моето пријателство, а богами ниту на мојата толеранција. Мојата национална определба е моја лична работа. И од тука натаму секоја атака на таа тема ја сфаќам лично.
А како поинаку?