Сензациите минуваат, одговорноста останува

Приказната за "извозот на македонски мозоци" е класична ситуација без жртва, без јасен мотив, но со огромен медиумски шум. Кога ваков пристап ќе се сервира на просечно информиран, но сензациски гладен граѓанин, резултатот е шарен меур што брзо пука и остава само малку сапуница. Новинари, зафатете се со реални теми, со нашата сегашност. Извадете ги перата, наострете ги, но вперете ги таму каде што навистина треба. И науката, и новинарството, бараат храброст: да се оди подлабоко, да се поставуваат тешки прашања и да се одбере суштината наместо лесниот плен.

135

Деновиве конечно како да дознавме дека извозот на македонски мозоци не е феномен само на последната декада, туку дека, вака или онака, бил наше секојдневие веќе триесетина години. Колку и да звучи грубо оваа алузија, таа ја отсликува комичноста и парадоксалноста на медиумската хистерија што деновиве ја бранува македонската јавност. При тоа станавме сведоци на медиумска возбуда околу таканаречениот „извоз на човечки мозоци“, архиви што недостасуваат, рокови што истекле, документи што не можат да се најдат – доволно материјал за наслов што предизвикува вознемиреност, кликови и чувство дека сме на праг на „големо откритие”. Но, токму тука започнува проблемот: дали навистина зборуваме за етички прашања од суштински јавен интерес или сме жртви на класичен сензационалистички рефлекс?

Уште на прв поглед, оваа своевидна морбидна археологија отвора едно едноставно, но суштинско логичко прашање. Во целиот претпоставен криминал недостига „телото“. Дури и ако ги земеме предвид сите чекори на процесот, останува класичното прашање од криминалистичките мистерии – „the missing dead body“: каде е жртвата и која е добивката зад овој криминал?






Имаме ситуација без жртва, без јасен мотив, но со огромен медиумски шум. Кога ваков пристап ќе се сервира на просечно информиран, но сензациски гладен граѓанин, резултатот е шарен меур што брзо пука и остава само малку сапуница. И да, без илузии – и самиот се препознавам како дел од таа публика.

Нема простор за скепса, не постои институционален вакуум

Затоа сметам дека е фер овој процес да се дефинира и да му се даде рамка. Станува збор за биомедицински, ретроспективни и неинтервенциски истражувања врз човечки биолошки материјал од починати лица – со минимален ризик што се сведува на етичките и информативните аспекти. Прашањата поврзани со приватноста и обработката на податоците се контролирани преку анонимизација и соодветно етичко одобрение, што е потвдено и со темелните документи на современата биоетика – од Белмонт извештајот до принципите на „Beauchamp–Childress“.

Оттука, се чини дека самото отворање и повторно актуелизирање на овој случај го носи најголемиот ризик не за науката, туку за пациентите – поточно, за нивните семејства. Без оглед што поминале триесетина години, сигурно буди емотивна бура кај фамилиите кои во тоа време ставиле потпис за согласност. Каде е сочувството кон тие луѓе, во чие име денес се крева прашина? Дали некој од нив е консултиран и дали тие семејства навистина посакуваат ваква разврска? Времето можеби поминало, но болката не исчезнува. За нив, ова не е „расчистување“ на случај, туку повторно минување низ пеколот на личните трагедии. Тоа е димензија која во сенката на насловите речиси целосно отсуствува.

Претходното добива уште поголема тежина ако се има предвид дека овој процес не се одвивал во институционален вакуум. Токму тие години, етиката и деонтологијата беа формален и сериозен дел од наставата во клупите на институтскиот амфитеатар, предавани од професори кои беа, и сè уште се, доајени не само на судската медицина, туку и на етичките темели на медицинските науки кај нас – меѓу нив, секако, професор Дума. Тоа не беа лекции по формули, туку по одговорност.

А ако некој и понатаму гледа со скепса на „нашето“, доволно е пак да го замисли нивото на наука што го продуцира еден универзитет како Колумбија. Овој универзитет, кој со децении поставува светски стандарди во клиничките и во биомедицинските истражувања, не би можел да опстои ниту еден ден без строго дефинирани етички протоколи, надзорни тела и култура на одговорност во работата со биолошки материјал. Токму во вакви академски средини се развивале клучни истражувачки модели, како постмортем анализи, преку кои се направени фундаментални откритија, на пример за Паркинсоновата и за Алцхајмеровата болест. Ова не се маргинални практики, туку столбови на медицинската наука, изградени таму каде нормите и методологијата се предуслов, а не пречка за напредокот.

Зошто не ги отворивме вратите за клинички студии од светот?

Затоа, наместо да се трошат капацитетите на институциите (Министерството за здравство, Јавното обвинителсто и др.) и вниманието на јавноста на промашени теми со привид на скандал, многу позначајно е да се насочиме кон реалности кои се на само чекор од оваа дебата затекната непотребно во фокусот.
Од моето скромно искуство, би издвоил два примери кои мислам заслужуваат внимание.

Во еден период, кога за здравството се „грижеше“ тогашниот министер, а сега „инспиративен” опозициски лидер Филипче, од стручната јавност и од индустријата произлезе јасна иницијатива: повеќе клинички студии и посериозна инфраструктура околу нив. Целта беше јасна и прифатлива за системот: отворање на вратите за клинички студии од светски компании, вмрежување со европски и глобални истрсжувачки центри, алтернативен пристап до нови терапии кои поинаку не би можеле да ги обезбедиме, забрзана размена на практични искуства, формирање истражувачки тимови, финансиски прилив за институциите и мотивирање на млад, талентиран кадар.

За споредба, согласно со податоците од јавни регистри на клинички студии – „ClinicalTrials.gov“, во тој период Србија и Хрватска имаа скоро десет пати повеќе студии, додека Словенија која е споредлива со број на центри и лекари околу шест пати.

Се формираше комисијата за модернизација на правилникот за клинички студии, се поделија решенијата за именување. Министерот никогаш не ја свика комисијата – онака, во стилот на сидрото што влече напред. Последица – пропорциите останаа непроменети до ден денес и наместо да се искористат можностите, останавме запретани во пепелта на старите навики: затворени фамилијарни кругови, сиви еминенции, деморализирани млади истражувачи и изгубено време, пропуштени фондови и финансиски можности за развој. Да резимирам – многу различно од она што и е потребно на нашата наука.

Вистинските теми не бараат сензационализам

Слика втора, насочена кон грижата за мозоците на психијатриските пациенти (овој пат живите мозоци). Не така одамна, повторно во екот на Муртинската епоха имав прилика накратко да бидам дел од нашата врвната психијатриска институција. Искрено, тоа е искуство на кое неволно се навраќам. Ми недостигаат зборови за да изразам сочувство со тие наши сограѓани, на кои судбината – или општеството – им го зацртале патот кон психијатриската здравствена заштита во тоа време. Институција во која пациентот практично не постоеше на мапата: неодработени прегледи, отсуства без контрола, гнездо на непотизам и роднински врски – се еден збор „хармоничен колектив“ што наликуваше на Врњачка Бања за повластениот дел од вработените, а под палката на еден проверен кадар, претставник на струмичката директорска ергела. Заборавените пациенти и долгите редови пред амбулантите, сомнителни случаи за можна злоупотреба на пациенти од детскиот оддел, загрижени блиски – сето тоа на грб на народот тргнат во потрага по спас. За среќа во овој мандат брзо се пушти реновираниот објект на клиниката, кој инаку претходно нефункционална и растурена чекаше две, три години наспроти планираните два, три месеца, согласно со проектот на донаторот Светската банка – се надевам дека ситуацијата сега е подобрена.

Ете ова се вистинските теми кои, повторно, не бараат сензационализам, туку конзистентност и постојано внимание од медиумите и од системот. Ете таму, во тие ходници, се случуваат вистинските драми. И тие немаат наслови.

Во ваков контекст, пристапот на евтина драматизација не само што е неадекватен и одбивен, туку е и суштински бескорисен. Во време кога јасно се прави разлика меѓу правовремена и вистинита информација и сè што е фејк, одговорноста за начинот на кој се пристапува кон темите од јавен интерес станува клучна.

Науката, како и новинарството, не е збирка од лагодни, секојдневни чекори. Таа им припаѓа на храбри луѓе кои го предизвикуваат постоечкиот „status quo“, кои влегуваат во непознатото и преземаат одговорност. Затоа ова е и мој начин да им одам признание на нашите учители, професорите на Медицинскиот факултет за сè што направиле – луѓето кои создадоа генерации лекари, но и храбри истражувачи и научници. Наместо да го стимулираме тој порив и идејата дека можеме да бидеме рамни со Европа и светот во научната мисла, ние градиме ретроградна морална паника, мотивирана од профитерски сензационализам.

Зафатете се со реални теми, со нашата сегашност. Со она што беше проблем до неодамна и што може и мора да се поправи – можеби не преку ноќ, но чекор по чекор, од година во година. Извадете ги перата, наострете ги, но вперете ги таму каде што навистина треба. И науката, и новинарството, бараат храброст: да се оди подлабоко, да се поставуваат тешки прашања и да се одбере суштината наместо лесниот плен. Сензациите минуваат, одговорноста останува.

Поврзани содржини