СЕКОЈ ЗБОР МОЖЕ ДА БИДЕ КАЗНЕТ, ПОЧНУВА ИЗБОРНИОТ МОЛК Кондарко со апел до партиите и медиумите, но и до граѓаните да излезат на гласање

Државната изборна комисија ги повикува граѓаните да излезат на гласање и да го почитуваат изборниот молк кој започнува вечерва на полноќ, во пресрет на вториот круг од локалните избори.

454

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, денеска упати апел до сите учесници во изборниот процес и до медиумите да го почитуваат изборниот молк кој започнува вечерва на полноќ, во пресрет на вториот круг од локалните избори. Тој ги охрабри граѓаните да го искористат своето демократско право и да излезат на гласање.

– Ги повикуваме сите учесници во изборниот процес да го почитуваат изборниот молк, кој започнува по полноќ, како и сите изборни правила во текот на утрешниот ден кога гласаат болните и изнемоштените лица во своите домови, затворениците и старите лица во домовите за стари лица. Апелираме сите граѓани слободно и одговорно да го остварат своето право на глас. Гласањето е лично и тајно, согласно процедурите на ДИК – изјави Кондарко.






Тој додаде дека сите изборни комисии – избирачките и општинските – треба строго да ги почитуваат законските процедури и насоките во однос на постапката за гласање и утврдувањето на резултатите.

– Важно е навремено и правилно да се постапува со доверливиот и недоверливиот изборен материјал – нагласи претседателот на ДИК.

ДИК информираше дека во текот на утрешниот ден ќе објави три соопштенија за текот и излезноста на гласањето на болните, изнемоштените и лицата во установи, чии резултати нема да бидат објавени пред недела, туку заедно со останатите гласачки места.

Во недела, на 2 ноември, Комисијата ќе објавува информации на секои два часа за отворањето на гласачките места и излезноста на гласачите. Прес-конференција со податоци за излезноста ќе се одржи по 19 часот, а првичните неофицијални резултати ќе почнат да пристигнуваат веднаш по потпишувањето на записниците. Очекувањата се дека завршната прес-конференција ќе се одржи околу 23 часот, кога ќе бидат објавени сите поединечни резултати.

Првичните официјални резултати од гласањето ќе бидат објавени в понеделник попладне, кога ќе започне и рокот за евентуални приговори.

На денешната седница, ДИК одобри акредитации за уште 29 набљудувачи од здружението „Wake up“. За вториот круг се акредитирани вкупно 1.598 набљудувачи – 933 домашни, 651 меѓународни и 14 странски новинари.

Поврзани содржини