СЕКОЈ ГРАД ТРЕБА ДА ОТВОРИ КОМПОСТАРА Во Кавадарци био-отпадот ќе се претвара во компост

Со помош на компостари може да се намалат до 70 отсто количините на комуналниот отпад што се депонира, со што ќе се намалат трошоците за транспорт и депонирање и ќе се елиминира самозапалување на депониите, а наместо мокро и скапано ѓубре, ќе се добие корисен и хранлив компост за градините.

543

Био компостара е поставена во дворот на средното општинско училиште ,,Киро Спанџов – Брко“ во Кавадарци со која органскиот отпад ќе се претвора во органско ѓубриво за потребите на градот. Машината ја произведе фирмата Спектар 21 од Кавадарци под менторство на проф Димитрија Ангелков од училиштето.

– Сакаме да ја зголемиме совесноста кај граѓаните да ја полнат со органски отпад. Партнер ни е јавното комунално претпријатие ,,Комуналец“ како фирма што ги има сите лиценци за собирање и третман на отпад. Проектот е од особено значење за хигиената во градот, затоа што 70 проценти од отпадот е од органски карактер – вели Ангелков.






Тој очекува проектот позитивно да делува на заедницата затоа што дава пример како од отпад може да се направи органско ѓубриво. Компостирањето е природен начин на разложување на органските материи, едноставен процес за третирање на секојдневниот кујнски отпад.

– Тоа е прекрасен балсам за земјата. Има темно кафеава боја и личи на земја. Понекогаш процесот на правење компост може да резултира со мирис на скапан отпад, но внимателното управување може да го контролира тоа. Компостот содржи важни хранливи материи како фосфор, калиум и азот, како и други корисни минерали кои обезбедуваат правилен раст на растенијата – рече Ангелков.

Компостирањето на органски отпад, додаде професорот, е релативно лесно. Може да се направи во голем обем во речиси секој внатрешен или надворешен амбиент, како и во речиси секоја географска област.

– Може да се компостира органски отпад од домаќинствата,  од рестораните, лисја и друг био отпад од дворовите, отпад од фарма, животинско ѓубриво, животински трупови, производи од хартија, отпадна тиња, дрво и други органски материјали. Може лесно да се вклучи во кој било план за управување со отпад – вели професорот.

Дури третина од целокупно произведената храна завршува во отпад, додава тој. Ако на ова ја додадеме и огромната количина на градинарски отпад од парковите и дворовите, станува јасно како био-отпадот претставува над 70 отсто од вкупно произведениот отпад. Кога овој отпад неправилно се разлага, ослободува стакленички гасови кои директно влијаат на климатските промени и на загадувањето.

Решението е, додаба Ангелков, да се креира градска компостара во секоја општина, каде населението бизнис-заедницата ќе го одлагаат градинарскиот и отпадот од храна, а од него наместо ѓубре што загадува, ќе се креира компост.

– Прибирањето на био-отпадот и негово компостирање драстично ќе ги намали емисиите на стакленички гасови кои ги произведуваме, директно ќе влијае на трошоците за транспорт на овој отпад кои ги прави градот, а ќе имаме празни контејнери и чиста околина. Ова се придобивките на компостарите, ќе го намалат комуналниот отпад за околу 70 отсто, био-отпадот го претвораат во органско ѓубриво, ќе го намалат трошокот за транспорт и депонирање на отпад за околу 70 проценти, ќе елиминираат самозапалување на депониите, ќе го намалат количеството испуштени стакленички гасови, ќе го доближат градот до постигнување на целта „Нула отпад“, ќе ги зголемат одржливоста и отпорноста на градот, ќе отворат можност за креирање партнерства меѓу институциите, здруженијата и бизнисите – појасни професорот.

Поврзани содржини